Австрискиот фудбалер Давид Алаба зимава или летово кое доаѓа ќе го засили гигантот Реал Мадрид, пренесува шпанскиот дневен весник „Ас“.

Како што наведува весникот, Алаба со „кралевите“ ќе потпише четиригодишен договор и ќе заработува 10 милиони евра по сезона.

Трансферот на Алаба зависи од Баерн Минхен и Реал Мадрид. „Баварците“ имаат опција по релативно ниска цена да го ослободат Австриецот од обврските, или пак, Реал Мадрид да го земе летово без оштетување, затоа што на Алаба му истекува важечкиот договор со германскиот клуб.

28-годишниот дефанзивец во Баерн Минхен се пресели во 2009 година од Австрија Виена. Алаба една сезона тренираше со Б тимот, а, една играше во Хофенхајм како позајмен фудбалер. Од 2011 година е стандарден првотимец и учествуваше во сите успеси на „баварците“ изминативе години.

Доаѓањето на Алаба, најверојатно ќе значи збогум за Бразилецот Марсело кој повеќе од една деценија беше незаменлив на левата бековска позиција.

OhridNews