Реактуелизирана идејата за отворање на комплетно женски затвор во Струга по денешната работна посета која ја оствaри министерот за правда, Игор Филков со раководството на затворот.

Оставривме работна средба, ги видовме состојбите, ги видовме капацитетите на затворот. Ја реактуелизиравме идејата за комплетно женски затвор со тоа што би се преадаптирале многу работи и цело женско одделение од затворот Идризово би се префрлило тука. Како идеја ја збориме некое време, се надеваме дека ќе наидеме на поддршка од сите партнери и ќе можеме набрзо да ја реализираме. Идејата за женски затвор значи комплетно женски, а затворениците од овде ќе бидат преместени во друг. Се договоривме да се изготви проект и тогаш ќе знаеме колку финансии ќе се потребни, рече Филков, посочувајќи дека во ниеден затвор во државата состојбите не се сјајни, не е вложувано со децении.

Директор на затворот, Ардит Мустафаи, посочи дека заедно ја промовирале идејата затворот во Струга да стане женски.

Капацитет имаме доволно и мислам дека треба малку интервенција, реновирање и политичка волја со цел да се измени законот и идејата да се реализира. Капацитетите треба да се зголемат. Моментално имаме за 60 лица, а со одредени интервенции може да стигнеме и до 70-80. Оваа идеја беше заедничка со министерот, по еден состанок и мислам ќе биде добро за Струга. Местоположбата на затворот е добра, блиску е до градот со што ќе им се даде можност на жените да ги искористат сите погодности, да работат во градот со цел истите да бидат ресоцијализирани, рече Мустафаи.

Посочи дека финансиската состојба на затворот не е добра, додавајќи дека кај сите институции има пречки.

Има услови, треба да имаме поголема финансиска поддршка, потенцира Мустафаи.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со последните случувања со помилувањето на осуденици, министерот Филков посочи дека Министерството за правда не помилува.

Може да даде само препорака за намалување на казната од еден до шест месеци и таа препорака оди кај претседателката односно кај Комисијата. Ние имаме еден член во Комисијата и тој нема право на глас. Сакам да напоменам, поради сите случувања во изминатите 24 часа, институтот помилување е многу битна работа во државава. Не смееме да дозволиме да биде предмет на дневно политички препукувања. А нас тоа ни се случува. Еднаш веќе осудено лице треба да го упатиме на ресоцијализација, не можеме повторно да ги судиме во јавноста, потенцираше.

Додаде дека не е надлежен да побара поништување на одлуката, но и дека е време да дојде до одредено освежување во Комисијата.

Н.С.Ј.