Во врска со писмото упатено до Редакцијата на Ohridnews за нападот врз група млади гости од Скопје, вечерта на првиот ден на Велигден пред едно од охридските кафулиња, Градоначалникот Александар Петрески и Одделението за односи со јавност на Општина Охрид ја изразуваат својата резигнираност од немилата случка  и  ја искажуваат безрезерваната осуда на инцидентот.

Ја изразуваме целосната поддршка на родителот кој е автор на писмото и  ја споделуваме неговата родителска загриженост и осуда. Поддршка и своевидно извинување за непријатниот настан заслужуваат и самите момчиња кои биле нападнати, без оглед на мотивите и сторителите на хулиганскиот настан. Свесни сме дека ваквите инциденти се дело на поединци и изолирани групи млади луге кои, без оглед дали се родени охриѓани или меѓу нив има и дојденци, не ја одразуваат гостопримливоста на граѓаните на Охрид. Хулиганството, вандалското однесување, тепачките и слични криминогени однесувања се срамни за Охрид без оглед кон кого тие девијантности се насочени, а не само кон „скопјани“.

Таквите испади не сакаме да ги подведеме ни под она клишираното оправдување дека  „станува збор за младешки фрустрации“ бидејќи младешката енергија и досадата можат и треба да се трошат на многу други корисни начини и активности. Со испадите на поединци и мали групи хулигански настроени млади, не се подгрева некаквата си „нетрпеливост“ меѓу охриѓани и скопјани. Со  нив се нарушува општиот и  тешко создаван имиџ за Охрид како посакувана дестинација за одмор и се директно насочени против настојувањата на Градоначалникот за афирмирање на Охрид како космополитски и отворен град во кој секој намерник и гостин е добредојден.  

Во тоа име, а и заради иднината на Охрид и доброто на охриѓани и нивните гости, се и очекувањата на Градоначалникот и Локалната самоуправа во целост, за соодветно ефикасно и навремено преземање мерки од страна на органите на прогонот и правосудството кон сите оние кои се носители на девијантни појави, а во прв ред хулиганите и вандалите.
                                                                            

Одделение за односи со јавноста

Писма: Охриѓани vs  Скопјани
http://www.ohridnews.com/index.php?mod=23&kat=24&id=4823