Секоја чест и браво за уметникот и донаторот на репликата на катедралната црква Св. Софија и за големото значење која ја симболизира оваа уметничка творба поставена пред влезот од северната страна на црквата.
Но, се поставува прашањето: Дали нашиот почитуван дедо Владика Тимотеј па и Г.Г.Стефан или некој од поповите поминале од другата страна на црквата – односно нејзината западна страна која претставува едно од најзначајните средновековни архитектонски и културни вредности или само се фотографираат и држат проповеди од другата страна (северна каде што е паркот и т.н. главен влез во црквата) без да “знаат” што се им се случува во овој дел од црквата?
Она што се случува во и пред “западната фасада” на Св. Софија е за секоја критика. Запоставен, недоличен и со нечистотии полн простор пред кој поминуваат гости и посетители, верници и добронамерници, доаѓаат и се воодушевуваат на овој црковен и културен храм од непроценлива вредност за нашето културно наследство, па и нашиот идентитет.
Фотографиите направени не така одамна и сведочат за огромното ѓубре и депонија која претставува просторот пред и во “западната страна” на црквата, а која всушност треба да претставува лице на нашата православна црква и нашиот однос кон културното наследство, да го претставува нашиот однос кон црковните и културните објекти?
Граѓаните од овој дел од градот, се сведоци на недоличниот однос кој се случува особено во вечерните часови пред и во просторот на црквата. Невидената деградација на овој објект, деструктивните појави кои се случуваат предизвикани од се поголемиот број хулигани и нелуѓе кои се собираат во колонадите од црквата, ѓубрето кое го оставаат и уринираат на ѕидот од црквата, изметот од кучиња – извор на голем број болести за децата кои играат во непосредна близина, огромната галама и ред други појави, за кои е срамно да се напоменат, се случуваат на само еден метар од ѕидот кој го дели од наосот на црквата и олтарот кадешто нашите почитувани претставници на Бога ја одржуваат Литургијата и се молат на Бога? СРАМОТА и лицемерие! Само тоа обичниот човек и верник, кој доаѓа на искрена молитва во Св. Софија, не го знае.
Како месна заедница години молиме и праќаме молби и до Митрополија да се изнајде оптимално решение за заштита на овој црковен храм. Но залудно. Оградата која е планирана пред години, сеуште стои само на хартија. За жал. Но, со оаа реакција не е намерата да даваме соодветни предлози или решенија за овој проблем, туку апел повеќе до црковните лица и надлежни кога ќе доаѓаат во црквата, пред се, да поминат и од западната страна на која се воодушевуваат големиот број посетители и гости и ја гледаат непосакуваната “глетка”.. – се вели во реакцијата на граѓани од МЗ Стар град.