Ваквиот потег на грчките власти е пример на непочитување на правото за слободно изразување пропишано во членот 19 од Универзалната декларација за човекови права, членот 10 од Европската конвенција за човековите права, како и многу други меѓународни документи. Спречувањето на новинарите од една соседна земја професионално да ја извршуваат својата должност не смее да е карактеристика на една современа, демократска, европска земја. Тоа претставува директна повреда на Новинарскиот кодекс на Меѓународната федерација на новинари, според кој слободата на говор е можна доколку се почитува професионалниот статус и независната улога на новинарите, како и доколку се обезбеди заштита на правото на сите граѓани да имаат пристап до информации и да бидат информирани.
Во оваа прилика упатуваме апел до властите на двете држави, Македонија и Грција, да се воздржат од вакви и слични реакции, и да им овозможат на домашните, но пред се на новинарите од соседната држава, професионално да ја вршат својата работа. Само на тој начин ќе можеме актуелниот проблем да го решаваме преку дијалог, на демократски, цивилизиран начин.