Во реакцијата се вели
“На почетокот, повеќе од очигледно е дека самопрогласениот ген.секретар Чакарески заборавил дека за успешно бавење и развој на кајак-кану спортот на мирна вода (сега КАНУ-СПРИНТ) не е доволно само многу вода во езерата.
Но и тоа не е најстрашното. Најстрашно е тоа што Чакарески и неговите истомисленици, подржани од АМС (за жал) немаат визија за развој на овој спорт во Република Македонија, а резултат на тоа е одсуството на соодветна долгорочна Програма за развој. Натаму, во интервјуто Чакарески вели дека опремата за овој спорт е многу скапа… Тоа, едноставно, не е точно. Точно е дека нашите чамци не спаѓаат во најевтините спортски реквизити но, има спортови со многу поскапа опрема и пак одат напред во својот развој. Пр. едриличарите, веслачите и др. Натаму, Чакарески вели ,,по долги години раздор (?!)конечно се сплотија федерациите на мирни и на диви води,,. Тоа е чиста лага! Имено, некаде во 1975 година, во Република Македонија ОД ЕДНА, се формираа ДВЕ Федерации – за мирна и за дива вода, како
резултат на договор и одлука на тогашната спортска власт, а со цел за поуспешна работа и развој на двата спорта кои што, освен што имаат заедничко име КАЈАК-КАНУ, немаат ништо друго заедничко – ниту во чамците и опремата, ниту во правилата.
Повторното, сега присилно здружување на двете федерации во една под директива на АМС и со цел да се задоволат нечии лични апетити да дојде на раководна позиција во спортот (иако не е способен за тоа) е тотално промашување кое ќе го покаже времето. Натаму, Чакарески вели – ,,Светската федерација не вклучи во своите натпревари,,. Вистина е дека Светската федерација никогаш не не исклучи од натпреварите. Спорот настана кога се појавивме со две репрезентации на Европското првенство во Белград 2007 година – една од легално избраното раководство и една од нелегалното раководство кое, за жал, и тогаш го подржа раководството на АМС. Имено, еден од чиновниците во АМС (Бојан Ѓорѓев), по налог на раководителите, (како што самиот призна подоцна), имаше доставено фалсификат-писмо до раководството на ЕКА (Европската Кану Асоцијација) со кое го официјализираше нелегалното раководство на чело со Чакарески како претседател. За овој криминален чин Ѓорѓев е награден со повисоко работно место во АМС, (наместо да биде казнет), а работите да бидат доведени во ред според Законот за спорт и Статутот на Федерацијата.
Но, ете и тоа е можно во нашава Држава. Подолу, Чакарески пишува дека ,,федерацијата за спринт брои пет клубови…,, За која федерација говори Чакарески ако се ,,сплотиле,, во една, како што вели погоре. Но, очигледно и тоа е можно. Еднаш едно, после друго, до недоглед. Натаму, Чакарески вели дека ЦРН ДРИМ (неговиот матичен клуб) брои 70 членови. Да, брои но, само на хартија. Цела зима никој не стапна да работи во Црн Дрим, а малку фалеше и покривот на хангарот да падне од снегот ако не им се јавеа пријатели на спортот да дојдат и да преземат нешто. За жал, Црн Дрим е нашиот најстар, најголем и најтрофеен кајак-кану клуб на мирна вода. И сето тоа како резултат на нивната неспособност (на раководството и луѓето во Црн Дрим).
На крајот, Чакарески говори за условите кои ги нуди Охридското езеро и за заинтересираноста на репрезентациите од соседните држави – Бугарија, Србија и Турција за користење на неговите погодности но, немањето стратегија како град тоа го спречува. Сакаме да му порачаме на Чакарески дека градот Струга не е единствен кој нема стратегија. Тука, на прво место, е токму Чакарески и неговите истомисленици, а потоа и градот, државата, АМС, Федерацијата и т.н. Ако за Чакарески се доволни условите во кои спортистите ќе тренираат и ќе се натпреваруваат како во шеесеттите години од минатиот век, (а тоа е случај сега во цела Македонија и со сите клубови на мирна вода), тогаш е јасна визијата на Чакарески за развојот на овој спорт. Е, тука нема место за репрезентациите на Бугарија, Србија, Турција или која било друга затоа што
тие се далеку понапред од нас во развојот мерено со светлосни години.
На пример, во секоја од овие држави има најмалку по еден модерен Центар за спортови на мирна вода, а некаде и повеќе. И, за крај. Крајно е време во Република Македонија работите да се постават на свое место, да раководи оној што е способен, што има визија, што знае и умее, а не оној што има само пуста желба да раководи. И, крајно, МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВААТ ЗАКОНИТЕ и подзаконските правни акти кои се основа на секој правен систем, а веруваме и на нашиот, што сега, за жал, не е случај барем во случајот со нашата Федерација за кајак-кану на мирна вода. Значи, наместо заклучок, Чакарески и истомислениците се далеку од стварноста по која веслаат европскиот и светскиот кајак-кану на мирна вода (кану-спринт) и што е уште пожалосно, немаат ниту визија како да му се приближат, а не да го стасаат или престигнат. Тие имаат само желба да раководат и за жал, со помош на Агенцијата за млади и спорт таа цел, за сега, барем формално, ја постигнаа. Спортските цели во кану-спринт спортот во Македонија се далеку, далеку…“