Со вчудоневиденост ја прочитав веста, не за смртта на почитуваната Г-ѓа Рења, таа си ги изживеа убаво годините, но нејзиното упокојување во исламските гробишта ме остави без зборови.

Зар ќерката на мојата прва докторка Др. Елена Каваева го заслужува тој срам?

Фамилиите Каваеви и Трендафилови беа почитувани, ценети и обожавани луѓе од целиот град. Нивните дела не се заборавени, а Г-ѓа Рења долги години остана сама ама достоинствено го чуваше името и реномето на фамилиите.

Но што се случи, така остарена, а верувам и веќе сенилна, влезена во деветтата деценија од животот подлегна на некои болни умови кои со разни надрилекарства и лажни ветувања, ја убедија да влезе во брак со многу помлад човек за кој се зборуваше дека ја примил исламската вероисповед, што е негово право и немам право тоа да го оспорувам, но го оспорувам фактот дека Рења ја упокои без почести што ги заслужуваше од граѓаните од Охрид и тоа на исламските гробишта.

Само за потсетување, фамилиите Каваеви и Трендафилови редовно ги прославуваа нашите православни празници. За Божиќ и Великден беше голема чест и привилегија да бидеш во нивниот дом, а Г-ѓа Рења беше добра домаќинка и почитувана сопруга и ќерка, која долги години и по смртта на нејзината мајка и сопруг ги продолжи тие обичаи опкружена со своите роднини и пријатели.

За овој срамен чин ќе си земам за право да ги обвинам и институциите кои дозволија така лесно да се прелажи една сенилна старица и на стари години да го стори тоа што го стори, се омажи, што верувам ако беше со здрав памет, тоа никогаш немаше да го стори. Затоа верувам дека оваа неправда ќе се исправи и нејзиниот вечен дом ќе биде во нивната семејна гробница, а празната рамка на гробот ќе се пополни со сликата на почитуваната Г-ѓа Рења.

 
Тодоровска Татјана

*
Ставовите изнесени во оваа рубрика се ставови на авторите и
редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на
истите.