Во интерес на  објективното информирање на јавноста, одделението за односи со јавност на Општина Охрид во врска со вчерашнот настап на пратеникот Цветко Грозданов во Собранието на Р.Македонија, ја информира јавноста за следново:
     
Во своето континуирано лично пресметување со Градоначалникот на Охрид, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Цветко Грозданов ја злоупотреби и вчерашната седница на републичкото Собрание. Седницата свикана за пратенички прашања, Грозданов ја искористи за уште едно повторување на лично-партискиот рефрен за одземање на ингеренциите на Градоначалникот. КОЛКУ ЖАЛОСНО, ТОЛКУ И ПРОЗИРНО Е ШТО СВОЈАТА ЛИЧНА И ПАРТИСКА ПРЕСМЕТКА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈА ОБВИВА ВО ОБЛАНДАТА НА БОЖЕМНА ГРИЖА ЗА ОХРИД И ВО ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНИТЕ.
      
Доколку, како пратеник избран од граѓаните сака да ја остварува својата вистинска улога, тогаш редно и коректно е Цветко Грозданов да ја праша својата Влада или министрите од својата партија за она што е вистинска потреба на граѓаните од Охрид и што многупати најавуваат дека ќе го направат – ама никако да го сторат.
      
Толку ли е задлабочен Грозданов во остварувањето на својот сон да стане Градоначалник па не му текнува да ги постави и овие пратенички прашања: Што направила Владата конкретно за намалување на невработеноста во Охрид; Како тоа Министерството за финансии наоѓа средства за медиумски промоции и кампањи на она што е обврска на една Влада а не наоѓа средства за санација на познатата „Уранија“ во Охрид која веќе ќе се распаднеше да не беше интервенцијата на локалната власт; Кои се штетите по Охридското Езеро од вештачкото испуштање на водите од него и кој ќе одговара за тие штети; Зошто Владата и надлежните министерства не преземаат ништо во однос на објектите на поранешната Библиотека, Домот на АРМ или Центарот за култура кои се препуштени на забот на времето само затоа што се сопственост на државата ама таа не сака да се грижи за нив; Зошто Владата, ако толку многу го сака Охрид, не ја стави во годинешниот свој Буџет изградбата на транзитната улица .„Железничка“,туку тоа е ветување на „жими мајка“; Зошто Владата конечно не го врати земјиштето во сопственост на Општините како што тоа бараат и ЗЕЛС и ЕУ, а следствено на тоа, не се отстапат на општината и капитални објекти,на пример во Охрид – барем дел од компплексот на Касарните кој би се наменил за мошне корисни содржини за граѓаните на Охрид…..
     
Уште стотина слични прашања што ги тиштат граѓаните, во чие име божем настапува самиот, Грозданов би требало да и ги поставува на Владата а не неа да ја прашува за Градоначалникот кажувајќи и што да прави и што да презема !  Дали Цветко Грозданов не и верува на својата влада и нема доверба во своите министри или сака парламент- арната клупа да ја користи за личен маркетинг, не е прашање што бара одговор оти играта му е провидна.
     
Но штетата е во тоа што од таа негова лична хајка против Градоначалникот на Охрид, единствено трпат Охрид и неговите граѓани. Едноставно кажано, тешко таа општина за која се „грижи“ пратеник како Цветко Грозданов.

                                                                                    Општина Охрид
                                                                                    Одделение за односи со јавноста