Наспроти деноноќниот ангажман на градоначалникот Александар Петрески за развој на Охрид и остварување на една визија која го претвора градот во современ и развиен центар, поединци кои до неодамна имале шанса да направат нешто за Охрид и кои постојано ветуваат нешто спротивно од она што го прават, деноноќно сонуваат за тоа да дојдат што побргу на власт.  За нив е далеку редовниот термин, март наредната година, па се тешат со пласирање во јавноста на „зелени идеи и концепти“.

Најновото огласување во јавноста од страна на поединците полни со фикс-идеи уследи веднаш по донесувањето на  ДУП за дел од населбата „Бејбунар“ од страна на Советот на општината. Меѓу „зелените“ фикс-идеи се и оние за изградба на „брвнари, голф игралишта, хиподроми…“. Сето тоа на приватно земјиште и сето тоа како визија на поединци кои до пред месец дена беа на раководни места во државната власт од каде можеа- ама и требаа оти истото и го ветуваа- да ја уредат „Грашница“; да го решат проблемот со „Даљан“; да го заштитат Езерото од деградација со празнење на водите за да се оствари профит преку продажба на струја на граѓаните; да не дозволат нивни сопартијци да градат на 1 метар растојание од брегот….

Но, се поставува и прашањето: Дали постои разногласие меѓу Владата и поединци од ВМРО ДПМНЕ кога за истиот ДУП, Комитетот за експанзија во градежништвото при Владата и самиот Премиер искажаа најпофални зборови, а од пред десеттина дена поединци го извртуваат во лошо она што било пофалено за добро?

Наспроти ваквиот „зелен“ концепт на фикс идеи, концептот на актуелниот градоначалник  Александар Петрески е јасен, видлив и во интерес на Охрид и граѓаните. Тој концепт е реален, во полза на граѓаните и остварлив низ нови реализирани зафати. Животот покажува дека на Охрид му се доста фикс идеи и неостварливи ветувања. На Охрид му треба она што се прави сега: улици, тротоари, осветлена периферија…И уште многу нешта за кои сегашниот Градоначалник има визија, но кои централната власт ги кочи во интерес на партијата а на штета на охриѓани, заборавајки дека убавиот Охрид е украс за Македонија и добробит за граѓаните а не партиите.

прес служба на општина Охрид

Ohridnews