На најавите на ЕВН дека ќе ја исклучи „Проаква“ од електро системот денеска реагираше локалната самоуправа. Во соопштението до медиумите се вели :
“Не за прв пат, и не во однос на некое ново прашање, пошироката јавност (не само охридската) е сведок на најавите што доаѓаат од ЕВН за исклучување на МЈП „Проаква“ заради неплатен долг. Се наведува износ од околу 1 милион евра од кои најголемиот дел се однесуваат за електричната енергија што ја користи Системот за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води, едноставно попознат како Колектор. Токму во тоа лежи и прашањето што не за прв пат и не само сега, туку одамна и во повеќе наврати, го поставува Општината пред централната власт односно надлежните Министерства а во прв ред Министерството за финансии: Како тоа „Проаква“ да е должник, а стопан на Езерото кое го штити Колекторот – е државата!?
Штета е што и покрај сите убедувања и укажувања, Владата не само што не покажува слух за решавање на проблемот, туку не пројавува волја ни да се седне со првите луѓе на Охрид и Струга и претставниците на МЈП за да се надмине сосотојбата со долговите кон ЕВН по основ на електричната енергија што ја користи Колекторот. Добро е познато дека Системот за заштита на Езерото од отпадни и загадени води е изграден за да се спречи еколошката катарстофа на Езерото кое е светски вреден слатководен ресурс и природно богатство. Од друга страна, со Езерото и крајбрежниот појас стопанисува државата а за заштитата на тоа со кое таа стопанисува – не се ни интересира! Оттука, доколку и дојде до најавеното исклучување на „Проаква“- а со тоа и на Колекторот – од електричната мрежа, секоја вина за несогледивите последици по Езерото и одвивањето на нормалниот живот на граѓаните во Охрид и Струга единствено ќе падне на Владата.
Впрочем и податоците за долгот на „Проаква“ односно општина Охрид кон ЕВН, на најдобар начин го потврдуваат тоа. Факт е дека сегашниот менаџерски тим на МЈП наследи долг од 96 милиони денари кој за само 6 месеци беше намален за 42 милиони денари. Само 7 милиони се долгови кои се настанати од тековното работење и тие се настанати единствено затоа што тие пари „Проаква“ не може да ги наплати од потрошувачите на вода и канализација кои се воглавно институции и јавни установи под капата на државата. Тие не ги плаќаат спомнатите средства правдајки се дека е тоа работа на Министерството за финансии, а тоа Министерство кон овој проблем реагира со – молчење! Значи, јасна е определбата на општината односно „Проаква“ дека доколку Министерот Славески покаже волја да ги подмири тие долгувања, парите ќе бидат префрлени на ЕВН на име долгот за електрична енергија. Што се однесува до остатокот од наследениот долг, 54 милиони денари, факт е дека само 13 милиони денари се долг на Општина Охрид. И во однос на тоа, Градоначалникот Петрески му нуди решение на ЕВН: тие пари да се платат на рати.
Тоа е суштината на долгувањата на општините Охрид и Струга односно МЈП „Проаква“ кон ЕВН. Јасно е дека не може општините да ја сносат вината за она што ќе биде- ако биде, а државата која е стопан на Езерото – заради чија заштита и настанале тие долгови – да глуми нем гледач. Да биде апсурдот уште поголем во сето ова, истата таа држава или поточно оној кој побарува пари за електричната енергија што ја користи Колекторот – од пречистените езерски води произведува електрична енергија во хидроелектраните на Дрим и за таа енергија наплаќа пари!
А, кој ќе плаќа за настанатите штети и девастацијата на Езерото со прекумерното испуштање на водите за производство на електрична енергија?
Општините и „Проаква“ секако не. Државата и во тој случај се јавува како незаинтересиран гледач или, охридски кажано, „сеирџија“.
Одделение за односи со јавност при локалната самоуправа