Заложбата на Редакцијата на ohridnews за регистрирање на  пропусти во уреденоста на градот, нечијата негрижа или неодговорното работење, која е евидентна деновиве преку неколку добронамерни фото-репортажи, искрено ја поддржуваме и сметаме дека е добредојдена за самата локална самоуправа бидејќи ни помага да согледаме, преку своевидната „комунална патрола“ на Вашиот портал, каде се потфрлило, што смета јавноста, што им пречи на граѓаните…

Тоа се однесува и на денешната фото-сторија за ул. „Даме Груев“ и затоа, токму во смисла на поддршка за она што го пишувате на комунална проблематика, сметам дека е во интерес на сите да укажам на следното.

Токму во интерес на туристичката сезона, самата локална самоуправа планираше и настојуваше  работите на ул. „Даме Груев“ да бидат завршени во овој период. Но, уште при отпочнувањето на активностите, беше јасна определбата на Градоначалникот дека на секоја улица што се реконструира мора да се применат високи стандарди и  реконструкцијата да биде целосно и квалиетно извршена. Значи, не да се изведат работи чиј ефект ќе трае само една сезона, па после година- две да се прекопува или повторно работи на истата улица.

Конкретно, на ул. „Даме Груев“( впрочем така е и со „Дејан Војвода“ и др.) се врши целосна реконструкција со која се уредува не само коловозот, туку и подземната инфраструктура односно канализацијата и електрична мрежа, се изработуваат тротоари, се уредува осветлувањето…Со еден збор – комплетна  реконструкција од која ефектите ке бидат такви што во наредните 20-тина години не ќе треба повторно да се трошат нови пари за истата улица.

Да беше целта само да се прикаже улицата „во ново руво“ пред гостите, ќе се поставеше нов слој на асфалт во рок од два-три дена и ќе се „замачкаа очите“. Но, таквата практика, градоначалникот Петрески ја напушти бидејќи ем таа чини поскапо (са постојани „крпења“), ем не се решаваат проблемите на граѓаните кои живеат тука.

Поврзана вест: Туристите ќе раскажуваат за улица „Даме Груев“

Никола Маневски,
Портпарол на Општината