Трибината посветена на предложените закони за туризам и угостителство, која се одржа во неделата на 11-ти февруари во просториите на Факултетот за туризам и организациони науки, уште еднаш ја потенцира неприфатливоста на “препишаните” закони и немањето аргументи за поддршка кај стручната јавност и кај локалната самоуправа. За прашањата во врска со текстот на законот кои беа поставени од страна на присутните стручни лица и експерти од делот на туризмот и угостителството, за жал предлагачот на законите, г-ѓа Лилјана Поповска немаше одговор. И присутните парламентарните преставници од позицијата и од опозицијата реагираа на предложените закони.
По се` изгледа инсистирањето за донесување на овие неколку закони, повеќе се испровоцирани од лични амбиции на претседателот на ХОТАМ, за воспоставување на монополска улога во туризмот во Охрид и Р.Македонија, отколку што се сака да се придонесе за развојот на оваа гранка кај нас. Нема дилема дека на мала врата се турка закон чиј главен мотив е средствата собрани од туристичка такса да бидат извор на финансирање на една помала група луѓе од хотелскиот бизнис. Ако се има предвид дека само од Охрид за минатата година се собрани околу 11 милиони денари по тој основ, тогаш јасни се инсистирањата на тие луѓе за доближување до средствата. Патем, треба да се има во предвид дека истите тие не само што се нередовни плаќачи на обврските, туку досега должат огромни суми на пари за туристичка такса. Доколку тоа се случи, постои институционална опасност за воспоставување на паралелен систем во управување со средствата од туристичката такса. Истовремено, тоа е намалување на изворните приходи од буџетот на локалната самоуправа и директен удар врз финансиските ресурси на општина Охрид.
Прашањето кое го има локалната самоуправа не е дали треба да има еснафско здружување, кое е легитимно и уставно загарантирано право, туку дали луѓето околу претседателот на ХОТАМ, г-динот Дончо Танески, имаат право да се преставуваат како единствен дел од еснафот на кои ќе им биде дадено екслузивното право да управуваат со средствата кои се собираат од сите чинители на хотелско-угостителскиот бизнис во Охрид и Македонија. Според нашите информации, најголемите хотелски капацитети не се дел од тоа здружение и самите го отфрлаат таквиот пристап кон унапредување на туризмот кај нас. Ако овие закони по ваков предложен модел се прифатат, тоа ќе преставува опасност од уназадување и растурање на неколкугодишните напори на локалната самоурава за воспоставување на европски критериуми во туристичкиот живот на Охрид. И затоа не го прифаќаме предложеното, зошто сметаме дека, освен задоволување на личните апетити на одредени личности, не се нуди развој и подобро организирање на туризмот во Охрид и Република Македонија.
Танас Танасоски
Комунална инспекција – Општина Охрид