По повод синоќешните случувања во објектот во кој е сместена националната телевизија А1, со реакција денеска се јавија Здружението на новинари, Советот за радиодифузија, како и Македонскиот институт за медиуми.

– Сопствениците на медиумите во ниеден момент не смеат да остават сомнеж дека нивните новинари се злоупотребени или дека се под притисок и закана да работат во заштита на лични бизнис интереси на газдите.  Ова, како што пренесува „Макфакс“  денеска го изјави претседателот на Здружението на новинари (ЗНМ) Роберт Поповски, при тоа додавајќи дека сопствениците на медиумите треба да се залагаат за почитување на словото на законот, за правна и демократска држава.
 
Тој побара од Управата за јавни приходи, финансиската полиција и сите други надлежни институции во текот на денот јасно и прецизно да и соопштат на македонската јавност за мотивот и причините за нивната ангажираност во вчерашната акција спроведена во објектот каде е сместена и А1 телевизија.
 
Поповски апелираше и до Министерството за внатрешни работи, да спроведе итна, професионална и објективна истрага за вчерашната интервенција. Исто така побара од нив да истражат дали во акцијата припадниците на полицијата примениле физичка сила врз новинарите  и ако тоа се случило, полицајците да бидат казнети.
 
Претседателот на ЗНМ, воедно ги повика институциите на системот надлежни за контрола и регулација на медиумите да стават крај на беззаконието и хаосот во кој егзистираат и функционираат медиумите во Македонија и да овозможат еднаква и фер позиција на сите медиуми на пазарот.
 
Советот за радиодифузија на денешната итна седница, која ја свика по случувањата во објектот каде што се наоѓа А1 телевизија,  побара информација од инспекторите и од телевизијата за може да изгради целосна слика за ситуацијата.
 
„СРД ги повика институциите на системот да овозможат непречено извршување на професионалните задачи на новинарите, да ја гарантираат слободата на информирање и движење на новинарите и да создаваат услови за непречено функционирање на медиумите. СРД исто така ги повика медиумите и нивните сопственици да овозможат непречен пристап на сите надлежни институции до сите информации од нивниот делокруг на работа, потсетувајќи ги медиумите дека се правни субјекти како и сите останати и мораат да ги почитуваат законите во Република Македонија“ се вели во соопштението од Советот.
 
СРД исто така ги повика политичките партии да не ја користат ситуацијата за политички поени.

Според Македонскиот институт за медиуми – МИМ, А1 телевизија синоќа била злоупотребена  заради интересите на сопственикот на телевизијата и во политички цели, а граѓаните не добиле навремена информација од институциите зошто полицијата беше присутна пред влезот на телевизијата.
 
„Сопственикот на телевизијата има обврска да и објасни на јавноста зошто дозволи новинарите во А1 да бидат ставени во функција на неговите лични интереси. Недозволиво е еден медиум да биде искористен за создавање медиумска реалност со која се шири атмосфера на вознемиреност и несигурност“ се вели во соопштението на МИМ.
 
Освен ова, МИМ реагира и на тоа што граѓаните не добија навремена информација од институциите на државата зошто полицијата беше присутна пред влезот на телевизијата А1.

„Присуството на полицијата пред еден медиум може да се толкува како обид за притисок врз слободата на медиумите и обид за попречување на работата на новинарите, што е недозволиво во едно демократско општество. Надлежните институциите треба да објаснат кој и зошто дозволи да се случи тоа. Државните институции при вршењето на своите законски надлежности не смеат да ја попречуваат работата на новинарите и нивното слободно движење.
 
Сите обвинувања за физичко малтретирање на новинарите треба веднаш да се проверат и доколку тоа се потврди, сторителите најостро да се санкционираат“ се додава во реакцијата.

OhridNews
извор: „Макфакс“