Автор на два раскази кои биле во конкуренција за наградата “Живко Чинго” се сомнева во регуларноста на конкурсот за избор на најдобар расказ.

Во пошироката јавност оваа година самата објава на конкурсот би се рекло, помина тивко, со малку отстапен медиумски простор, поради што се поставува прашање и создава сомнеж за некакво „сценско-режиско тезгарење“ пред очите на донаторот, стои во дописот кој авторот го испрати до редакцијата на Ohridnews.

Културната јавност во Република Македонија очекуваше, дека, набрзо, „овенчаниот“ расказ ќе биде публикуван во некои од медиумите, но за жал тоа не се случи. Дури ниту на страниците на електронското гласило што го издава и институцијата која со полна доверба и почит кон писателот и неговото народно дело, го распишува конкурсот, што не беше случај и во минатите години. Со објавувањето на расказот, но потоа и со објавувањето на некој од расказите што (според комисијата) застанале веднаш зад него, ќе и се даде можност и на пошироката јавност да се запознае, но и да процени за квалитетот, за вредноста на трудот што се наградува, стои во дописот.

Авторот воедно изразува сомнеж дека наградите и признанијата кои се доделуваат на конкурсите се делат од интерес, за што изрази подготвеност и дополнително да елаборира.

OhridNews