Доколку општина Охрид биде прогласена за финансиски неликвидна општина последиците во однос на понатамошното функционирање на градот ќе бидат несогледливи, смета престедавачот на Советот на општина Охрид, Владо Чингоски.
Доколку тоа се случи, ќе предизвика сериозен проблем во функционирањето на локалната самоуправа бидејќи ќе бидат закочени сите активности на општината предвидени за наредната година, вели Чингоски.
Негативни се и реакциите на другите советници. Евентуалното воведување на принудна управа во Охрид ќе значи стечај за општината смета советникот од Либералната партија, Љупчо Нечковски.
Спротивно на ова, пратеникот од Охрид од редовите на НСДП, Веле Митановски вели дека покрај ингеренциите во областа на финансиите, на локалната самоуправа во Охрид треба да и се одземат и ингеренциите во сферата на урбанизмот.„Градот е даден на тацна на мафија и цената од менаџирањето на актуелниот градоначлник ќе биде превисока“, смета Митаноски.
Неодамна пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Цветко Гозаданов побара општина Охрид да биде прогласена за „нестабилна општина“ и да се формира работна група чија основна цел ќе биде да ги врати долговите кон доверителите. Грозданов смета дека во изминатите две години општината не направила ништо за да ги врати долговите и дека државата веднашш треба да интервенира во охридската локална самоуправа за да и помогне да излезе од незавидната состојба.
Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, кој е на службено патување во САД, неодамна ги обвини пратениците од Охрид, а најмногу пратеникот Цветко Грозданов, дека се главни виновници зошто Охрид не влегол во втора фаза од децентрализација.
Во моментов долговите на Охрид заедно со каматите се проценуваат на 207 милиони денари.
Мики Трајковски