Законски избраниот концесионер на Охридското Езеро „Пастрмка 2012“ ДООЕЛ Охрид, од моментот на обелоденување на одлуката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, која се темели на научни анализи направени од Хидробиолошкиот завод од Охрид согласно изготвената риболовна основа, континуирано е мета на неосновани напади од претседателот на СРД „Св. Апостол Петар“, Радован Димитриески. Истиот, претставувајќи се себеси за експерт кој наводно се грижи за живиот свет во Езерото, изнесува невистини и небулозни тези, со кои ја дезинформира јавноста, со што нанесува огромна штета на угледот на нашата компанија.

Но, јавноста треба да знае што всушност се крие зад ваквите напади. Прашуваме дали е принципиелно од една страна да се изразува загриженост за состојбата со рибниот фонд во езерото и да се бара воведување на забрана за риболов, а од друга страна да аплицирате за концесија на Охридското Езеро за рекреативен риболов , која вклучува рибарење со блинкер и друг со закон пропишан риболовен алат? Како може некој да тврди дека нема риба во езерото, а конкурира за концесија?Јавноста, исто така, има право да знае и дали причина за нападите кон концесионерот „Пастрмка 2012“, е тоа што здружението во кое има 5 регистрирани спортски риболовци, а легитимитетот на претседателот е оспоруван од основачите кои му забележуваат дека работи исклучиво за лични интереси,  не ја доби концесијата за рекреативен риболов. А, тоа се случи бидејќи не понуди најдобри услови за извршување на дејноста, наспроти нашата компанија која најави и вработи 46 лица, од кои 12 се рибочувари, и која дополнително ангажира уште 14 заштитари на езерото.

Од доделувањето на концесијата на „Пастрмка 2012“ ДООЕЛ, спроведени се 70 акции на Охридското Езеро, поднесени се 8 кривични пријави за незаконит риболов и запленети се километри нелегално поставени мрежи со маломерни окца. Исто така, вложени се големи средства во набавка на софистицирана опрема за ноќно набљудување и контрола. Сите овие активности на концесионерот придонесоа рибокрадството на Охридското Езеро да се намали за 80 проценти, со што се покажа исправна одлуката на државата за негово давање под концесија. Со предвидените мерки и строгите законски прописи гарантираме дека уште повеќе ќе се намали бројот на рибокрадци на Охридското Езеро. Затоа логично се наметнува прашањето дали можеби некому не одговара да има ред во езерото и дали некој можеби посакува враќање на хаосот на Охридското Езеро во кој владееја рибокрадците?

Експертот од Куманово за Охридското Езеро, екологија, за помор на риба, за алгите во каналот, за соларните кајчиња и за еволуцијата на видовите, сега стана стручњак и за белвица и во јавноста изнесува нови обвинувања за „геноцид“ врз овој ендемски вид риба (термин познат само на авторот). Дали „геноцид“ за него е дозволен селективен излов на вкупно 300 килограми во шест риболовни дена во декември, одобрен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој се врши под строг надзор на Државен инспектор и стручни лица од Хидробиолошкиот завод за секој риболовен ден?. Овие неосновани напади доаѓаат од истиот „експерт“ кој тврдеше дека концесионерот ќе излови 250 тони плашица во првата година, а уловени се само 400 кг. од овој вид риба. Или можеби за него е „геноцид“ што согласно добиената дозвола концесионерот во првата година може да излови 2000 килограми пастрмка, а излови само 50 килограми?. Јавноста се дезинформира и  дека при селективниот риболов на белвица наводно се изловуваат маломерни единки пастрмка. Одговорно тврдиме дека тоа не е вистина и дека при селективниот лов на белвица не е изловен ниту еден килограм охридска пастрмка.

Белвицата во Охридското Езеро отсекогаш се ловела до 25 декември, а сега тоа се прави само шест дена во последниот месец од годината и тоа, како што веќе напоменавме, во ограничени количини од вкупно 300 килограми. Но за да се доведе јавноста во заблуда намерно се шират дезинформации не само во медиумите, туку и кај надлежните институции, дека наводно одредената количнина се однесува на излов по рибар, што е уште една голема невистина искажана со цел да се создаде погрешна слика за концесионерот.

„Пастрмка 2012“ ДООЕЛ ги исполни сите законски услови за добивање на концесијата за стопански и рекреативен риболов и ги презеде сите потребни мерки за заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро,а дејноста ја врши одговорно и согласно критериумите утврдени во риболовната основа и Законот за рибарство и аквакултура. Шест месеци молчевме на сите нападите кои доаѓаат од квази експерт со неисполнета желба да стане концесионер на Охридското Езеро, но сега сме приморани да реагираме за да го заштитиме нашиот углед. Поради сите невистини изнесени во медиумите со кои се нарушува нашето реноме, ќе поднесеме кривична пријава за клевета против ова лице и правдата ќе ја бараме на суд.

„Пастрмка 2012“ ДООЕЛ Охрид

*OhridNews ги објавува текстовите во рубриката Писма-Колумни во оригинал како што се испратени и редакцијата не сноси одговорност за содржината на истите.

Реакција на ЗРРСК Свети Апостол Петар Охрид на текстот :„Пастрмка 2012“: Кој и зошто ја дезинформира јавноста за состојбата со рибниот фонд?

Голема чест ми е како „квази“ експерт од Куманово, како ме нарекувате, да се борам да се стопира геноцидот кој се врши за врз охридската белвица за време на мрест и за заштита на животната средина. Наскоро ке ги прочитаме и мислења на светски експерти за овој масакар на ова пастрмка (белвицата) за време на мрест.  Гледам дека во текстот само мене лично ме напаѓате а не ги оспорувате фактите кои се изнесени од наша страна. Затоа вероватно е причина што ја алармиравме и меѓународната јавност, односно сите светски институции кои се занимаваат со рибарство за ова штета што ја правите на  рибниот фонд особено на белвицата за време на мрест.   И втора причина е затоа што ви најавивме дека ке поднесеме барање  за одземање на концесија за стопански риболов поткрепена со петиција. Во вашиот текст освен што сакате лично да ме дискредитирате нема ништо друго , не го негирате тоа дека ловевте белвица месец и половина  за време на мрест кој започна на 15 октомври и трае до 31 март. Не негирате дека во одобрението за селективен риболов за време на забрана за мрест  не е одредена дозволена количина што е голем преседан во историјата на рибарство во Македонија можеби и во светот. Не негирате дека ги прекршувате законските и подзаконските акти и ловевте белвица во време на забрана од 15 октомври до први декември и тоа со мрежи со помали окца од дозволените .

Можеби сето тоа што го прекривате ке мора да го доставите на  суд односно ке мора да го приложите и јавно ке ги објавиме. Вашите така наречени експерти сателити сите не убедуваа ( дури беа и на седница на влада) дека со риболовната основа ке се изловат потенцирам само (500) петсто килограми белвица, зошто не кажете колкав геноцид направивте за време на селективниот риболов на белвицата со окца помали од дозволените според законските и подзаконските прописи . Ова што сега го наведувате во писмото дека ке ловите само 6 дена и ке уловите 300 килограми белвица е второ барање за селективен риболов и повторно ги прекршувате Законските и подзаконските прописи. За овој геноцид ни се смее целата светска јавност , дека ловиме белвица (пастрмка) полни со икра за време на мрест. За ова  ке треба некој да одговара.   Веднаш штом се поднесоа првите пријави од страна на сега притворениот командир на езерска полиција за некои ваши вработени  рибари дека ловат без лиценца и ловат со непломбирани мрежи односно со недозволени мрежи  се притвори командирот на езерска полиција , но можеби тоа е добро што клопчето за можен организиран криминал ке почне да се одмотува. Деновиве гледаме дека професинални рибари и рибочувари се шетат по судници со лисици без лисици и тн.

 А за тоа дека сме болни што не го добивме Охридско Езеро на концесија би ви потсетил дека кога ние на првиот кокурс конкуриравме за рекреативната зона Охридско Езеро и риболовниот ревир Слив на Охридско Езеро имаше само две заинтересирани страни и тоа  СРК „Свети апостол Петар“ и СРК „Пастрмка“ од Струга и концесијата за сливот ни беше доделена а таа за езерото без никаков одговор не беше доделена. Вие според годината во вашето име не ни постоевте тогаш. По она што кажувате дека сте уловиле само 50 килограми охридска пастрмка само го потврдувате нашето тврдење дека рибниот фонд на Охридско Езеро е пред истребување. И за тоа една од причините е една „научна авантура“ кога со дозвола од експерти да се лови охридска пастрмка за вештачки мрест, а измолзените  матиците не се враќаа во езерото како секаде во светот .Ние кога бевме концесионери за спортски риболов  во предходниот период на Езерото, извршивме анкета на риболовците и кога констатиравме дека нема улов, веднаш сами побаравме да се забрани лов на охридска пастрмка. На вториот  конкурс за концесија  точно имавте подобра понуда и тоа 12 рибочувари за рекреативен риболов и 12 за стопански риболов  , но не ги гледаме никаде, па се прашувам да не ги контролираат риболовците на албанска страна од езерото. Барањата на надлежни институции за помош од МВР за справување со недозволениот риболов кој е во „голем подем“ е само е доказ коклку вршите контрола и како се справувате со недозволениот риболов и заштитата на езерото.

Поднесените пријави за ваши вработени  рибари дека ловат без лиценца и со непломбирани мрежи докажува колку го почитувате Законот , подзаконските акти, договорот за концесија и риболовната основа. Контрола и спречување на недозволениот риболов не се врши на пунктови ( кои ги немате согласно законските прописи) туку внатре во езерото. А кој и како  ви врши контрола внатре во езерото е под  голем знак прашање. За вашата прекршување на Законските и подзаконските акти е пуштен допис од 4 страни до надлежните институции. Пошто не сакате добро да прочитате за плашицата ве потсетуваме уште еднаш со риболовната основа за Охридско Езеро ви е дозволено да уловите селктивно  250 тони плашица  и во редовен риболов 200 тони и за рекреативен риболов 50 тони, тоа е 500 тони годишно, односно во првите три години ви е дозволено да уловите 1500 тони плашица . Во наредните три години ви е дозволено по 250 тони годишно. Се жалите дека немате уловено плашица, а и зошто да ловите плашица кога може да ловите белвица во време на забрана за мрест и тоа  полна со икра. И на крај да напоменеме дека селективен риболов во риболовната основа е предвиден само за плашица а не и за белвица.

Со почит и Бистро!

Радован Димитриевски

Претседател на УО
на ЗРРСК Свети Апостол Петар Охрид

*OhridNews ги објавува текстовите во рубриката Писма-Колумни во оригинал како што се испратени и редакцијата не сноси одговорност за содржината на истите.