Во малата сала на општина Охрид , градоначалникот Александар Петрески, заедно со раководителите на Секторот за  локален економски развој, Гоце Симоноски и Горан Мицкоски, вчера, го промовираа проектот “Пристапен пат- до селскиот  водовод” чиј апликант  беше Советот на месната заедница од Елшани, претставена од претседателот Крсте Ламбески. На промоцијата  преку  видео-презентација беа прикажани причините  и целта со која овој проект  е инициран , поддржан и реализиран во заедничка соработка со Локалната самоуправа.За овој проект кој вкупно чини 256.575,оо денари, општината  издвоила  точно 199.575 денари, средства со кои е отпочнат и пробиен патот до селскиот елшански водовод, до кој досега можеше да се патува само пеш.


– Дали , конечно, и Елшани со своите проблеми и потреби ќе најде место во агендата на градоначалникот и неговите соработници кои често знаат да го постават Елшани на приоритети на хартија, но не и во практична реализација – беше прашање кое на денешната прес конференција  му го поставија елшанци на градоначалникот Александар Петрески.

-Јас морам, како и повеќе пати досега да признам дека за Елшани многу малку имаме сторено ние како  локална самоуправа. Но , не може секогаш сегде да се постигне сè. Ние се залагаме за рамномерен развој на сите населени места и затоа денес ,еве , со реализацијата на овој мал проект ја отпочнуваме нашата заедничка соработка со месната заедница на Елшани, соработка која,  ветувам дека ќе се продлабочи во следната година кога општината влегува во втората фаза на децентрализација. Ветувам дека пред новата летна туристичка сезона,ние како општина ќе ги реализираме  планираните  и приоритетни проекти  кои ги бараат елшанци. Секако , и без да влеземе, ќе се потрудиме  поголем дел  од ветеното да исполниме.Тоа им  го должиме како локална сампуправа на Елшани и на елшанци.  Направивме многу проекти во другите населени места и мислам дека следнава година редно е да ја посветиме на Елшани.  –  истакна градоначалникот Александар Петрески, ставајќи го Елшани на мапата на приоритети за  првата половина од новата 2012 година!


Да потсетиме :  веќе три години, асфалтирањето на патот Елешец- Елшани, уредувањето селскиот плоштад и   асфалтирањето на селските улички, како и уредувањето на дворот од селското училиште се  дел од јавните  ветувања  и дел од само зацртаните планови на локалната самоуправа со кои им се даваше  (лажна) надеж  на жителите од Елшани, село кое  веќе е  препознатливо во препораките на домашните и странски тур-оператори.

Дали со промоцијата на овој мал проект (кој , сепак, е од  немало значење ), ќе почнат да се решаваат  сите или барем  поважните инфраструктурни проекти од  нужна потреба за елшанци,-  останува да почекаме до  почетокот на новата туристичка сезона и  да  го држиме за збор охридскиот градоначалник Елшанци  чекале  со години  и децении.Уште неколку месеци  нема да значат  предолго чекање! Впрочем, Охрид, со втората фаза на децентрализација, ќе добие и поголемо чекмеџе со пари од државата, наменето  токму за граѓаните . И елшанци се  граѓани на општина Охрид, нели?

ДИМ ДОН

* Ставовите изнесени во оваа рубрика се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.