Екипата на Велазерими, запиша нови три бодови на контото во Втората лига победувајќи го Охрид со 3-1 на домашен терен во Кичево. Домаќините до триумфот дојдоа со три погодоци во второто полувреме а Охрид може да жали за бод(вите) бидејќи повеќе од добро го почна мечот но не успеа да погоди и да го начне противникот. Кичевчани со победата се искачија на третата позиција, додека „рибарите“ остануваат на последната позиција на табелата.
Назми Ајдини (Велазерими) – Во првиот дел Охрид беше далеку подобар од противник од нас и ние само поради борбеноста останавме со празна мрежа. На почетокот од второто полувреме постигнавме погодоци од нашите прилики и потоа се беше полесно. Го контролиравме мечот и кога ќе се` сумира се можам да заклучам дека победата е заслужена. Ние сме во горниот дел од табелата, но не се залажуваме туку остануваме цврсто на земја.
Гоце Толески (Охрид) – Одигравме две различни полувремиња. Вистинската штета е што затаивме во реализацијата во првиот дел и не успеавме да постигнеме погодоци. Многу брзо ги примивме погодоците во второто полувреме и некако како да паднаа мотивите помеѓу играчите. И покрај поразот, момците играа добро и заслужуваат пофалба. Следната рунда не очекува нов меч на гостински терен и одиме да се надигруваме.
OhridNews