Битолски Пелистер го прекина постот без победа во Втората лига совладувајќи го Охрид со 2-1 (0-0) на домашен терен во натпреварот од 12-та рунда. „Зелено белите“, триумфот го обезбедија со погодок на дефанзивецот Горан Ганчев во последната минута од судиското продолжение. Претходно, домаќините поведоа со голот на Игор Момироски а резултатот го изедначи Александар Целески.
Зоран Штерјоски (Пелистер) – Писхолошки многу тежок натпревар за нас, бидејќи атакувавме на победа, а позади нас го имавме притисокот поради серијата без триумф. Мора да признаеме дека малку не посаќа и среќа во завршните мигови, но некогаш таа треба да се заслужи. Во секој случај Охрид добро ни парираше, одигра добар натпревар и само поради фактор среќа остана без сосема заслужениот бод во Битола. Во текот на зимскиот преоден рок има многу што да се менува во Пелистер. Ќе се засилиме, ќе одработиме добри подготовки и ќе ги остраниме сите недостатоци кои ги забележувам откако јас дојдов на клупата.
Гоце Толески (Охрид) – Прекините се наша ноќна мора. Никој од играчите не презеде одговорност да скокне, да не дозволи прилика и да ја расчити опасноста. Пред вториот гол на Пелистер има неколку индивидуални грешки во напад и одбрана, кои не се дозволиви. На теренот комплетно потфрливме во првиот дел додека во вториот заигравме после примениот погодок. Ни останува уште еден меч до крајот на есенската полусезона, а потоа ќе видиме што и како понатаму.
Горан Ганчев (Пелистер) – Очекувавме тежок меч, но ваков дефинитивно не. Особено се опуштивме после погодокот за водство 1-0 во 65-та минута. Охрид не опомена дека натпреварот треба да се реши со втор или трет гол, а не да се чува минимално водство. Гостите од првата посериозна прилика погодија и изедначија. Ние, благодарание на одлучноста во финишот кога сите отидовме напред постигнавме погодок и успеавме да победиме. Речиси секогаш одам на прекини во гостинскиот шеснаесетик. Овој пат среќата ми се насмевна да постигнам погодок и донесам три бода за мојата екипа.