Охридските фудбалери потешко од очекувањата и со пресврт ја совладаа екипата на Велешта со 2-1 во рамките од втората рунда од Втората македонска фудбалска лига-запад. Гостите поведоа со погодокот на Стефан Петрушевски, а „рибарите“ возвратија преку Александар Ѓорѓиески и Љупче Трпески за конечна победа 2-1.
Љупче Трпески (Охрид) – Победата е награда за добрата игра, вербата во позитивен резултат кога имавме негатива. Фаворитската улога малку ни наметна притисок кој беше видлив во текот на целиот натпревар. Што се однесува до прекините, имаме неколку воиграни акции и мило ми е што една од нив денеска ја капитализиравме со победнички погодок.
Пепи Џигероски (Велешта) – Натпревар исполнет со борба и голема пожртвуваност. Ние во Охрид немаше што да изгубиме, но после крајот на мечот жалиме за поразот. Имавме предност и една шанса за втор погодок, кој сигурно ќе го решеше победникот. Не ја реализиравме шансата, а на спротивната страна Охрид постигна два погодоци и сурово не казни.
Драган Бочески (Охрид) – Тешка, но заслужена победа. Психолошки натпреварот беше многу тежок. Малку се залетавме после ремито со Гостивар и требаше вака тешко да победиме за да се спуштиме на земја. Мисијата на стартот од сезоната е исполнет и сега без притисок ќе се соочиме со Дрита и следните противници кои ни доаѓаат.
OhridNews