Охридските фудбалери не успеаја да ги запишат првите бодови на табелата во Втората македонска фудбалска лига-запат претрпувајќи пораз на домашен терен од Велазерими со 2-1, полувреме (1-1). Кичевчани до победата и целиот плен во Охрид стигнаа со погодок во 90-та минута. Претходно, во првиот дел, двете екипи по еднаш ја затресоа мрежата.

Љупче Трпески (Охрид) – Според играта и односот на теренот заслуживме еден бод а ги посакувавме сите три. Можеби притисокот си го направи своето и кога требаше да притиснеме за втор погодок ние попуштивме и дозволивме гостинот да победи. Секако, дека има за што да жалиме, но одиме со главите горе и со нетрпение го очекуваме дуелот со Гостивар на домашен терен да им се оддолжиме на навивачите и публиката за нивната поддршка. 

Раиф Мисерловски (Велазерими) – Влеговме многу резервирано и претпазливо знаејќи дека Охрид ќе не нападне и притисне за победа и освојување на бодовите. Таквата игра ни донесе многу сигурност и мир во нашиот состав. Успеавме да поведеме, но не и да го задржиме водството и да наметнеме наш стил на игра. Охрид изедначи и очекувано беше после да игра подобро. Во финишот од натпреварот го искористивме заморот на охридските фудбалери за нијанса го подигнавме нивото на игра и наградата дојде со победничкиот погодок. Што се однесува до одбраната, многу ми е мило што и помогнав и дадов сила на екипата после таа ситуација. Добро бев поставен и тоа многу ми помогна во исполнување на мојата задача. 

Охриѓани во втората рунда на домашен терен против Гостивар ќе ги бркаат првите бодови, а Велазерими ќе се сретне со Лабуништа во Кичево.

OhridNews

 

Финишот кобен за „рибарите“, Велазерими ги однесе бодовите од Охрид