„Гладијаторите“ стигнаа до вториот триумф на домашен терен во исто толку одиграни натпревари после триумфот над Радовиш со 29-25. Гостинскиот состав пружи повеќе од солиден отпор, а ракометарите на Охрид мораа да дадат максимум да победат и да го освојат целиот плен.

Крсте Андоноски (Охрид) – Радовиш годинава е доста незгодна екипа со квалитетни ракометари. После оној триумф во Битола влеговме малку опуштено, но добро е што брзо со консолидиравме и го имавме резултатот под контрола. Радовиш исто така ни покажа дека не смее никоја екипа да потцени и отпише пред почетокот на натпреварот. Добро е што победуваме и кога некоја од алките не функционира баш најдобро. Во Битола мечот го реши одбраната а сега нападот беше на едно повисоко ниво.

Пеце Ѓорѓиески (Радовиш) – Натпреварот го загубивме во последните три четири минути. Судиите во клучните напади на двете страни имаа неколку поклонети топки за Охрид. Разликата во квалитет не беше голема, но доволна Охрид да победи. Ние дадовме максимум и одигравме онака како што се договоривме. Им ја честитам победата на охридските ракометари и амбиентот кој го приредија навивачите и публиката.

Раде Стојановиќ (Охрид) – Потешко од очекуваното стигнавме до победата со која продолжуваме по нашиот зацртан план. Два пати во текот на мечот успеавме да стигнеме до три разлика но со одредени грешки го испуштавме водството и им дозволувавме на гостите да се разиграат. Радовиш играше смирено во напад до раб на пасивен напад и тоа малку не изненади. Сепак, кога на крајот ќе се сумира се победата е заслужена.

Љупчо Мијалов (Радовиш) – Во мечот влеговме договорени дека ќе одиграме максимално и борбено до крај. Охрид е квалитетен тим со многу голем ростер на играчи. Слободно можам да кажам дека не разочаравме и се претставивме во најдобро светло. Продолжуваме со ист ритам без разлика на поразот во Охрид.

Мх.П.

Жилавиот Радовиш го измачи Охрид