Во еден од најинтересните мечеви од плејофот во Супер лигата, Охрид со тесни 27-26 го совлада Металург и прокнижи нови три бодови на табелата. Натпреварот во СРЦ „Билјанини Извори“ изобилуваше со голема борба и пресврти, особено во второто полувреме. Во првиот дел доминираше Охрид, додека во вториот Металург успеа од минус три да стигне до плус три. Охрид на крајот се врати, а победата ја обезбеди со погодокот на Денис Тот, седум секунди од крајот на мечот.

Раде Стојановиќ (Охрид) – Знаевме дека ќе биде тежок натпревар и се подготвувавме за ваков крај каде ќе одлучува една одбрана или еден напад. Во првиот дел бевме подобар противник додека во второто полувреме не одигравме на она ниво што го посакуваме. На вакви мечеви не смееме ниту еден момент да се опуштиме и да помислиме дека е завршена работата без разлика колкава е предноста на семафорот.

Иван Маркоски (Металург) – Честитки за победа на Охрид. Сосема заслужено на крајот но сакам да истакнам дека и ние да победевме немаше да биди незаслужено. Нашата деконцентрација на работи кои ги тренираме се одрази многу негативно на крајот, а Охрид го искористи сето тоа да се врати од негатива и да се бори за победа. Исто така знаевме дека последниот напад ќе биде за Тот, но и тука не успеавме да затвориме. Сепак, јас сум задоволен од прогресот на екипата во последниов период и можам да ветам дека Металург допрва ќе го пружи најдоброто во плејофот од Супер лигата.

Денис Тот (Охрид) – Иако со подеми и падови, одигравме фантастичен натпревар. Двете екипи бевме на некое потребно ниво, имавме добри и лоши моменти. Едно нешто што можам да констатирам е дека нема лесен натпревар за Охрид во Охрид. Целта во последната акција беше да се одработи чист шут, за мене или за Манасков. Акцијата се одвиваше за мене и среќен сум што погодив. Искрено незнам топката каде помина, но битно заврши каде што требаше.

OhridNews

 

Видео: Ѓорѓески немаше одговор за „бомбата“ на Тот, Охрид слави нов триумф против Металург (видео)

Драматичен триумф на Охрид, Металург по голема борба падна во „Билјанини Извори“ (видео)