Охридскиот ракометен клуб триумфираше во супер дербито победувајќи го тимот на Металург со 22-20. До победата во средбата со актуелниот лидер на табелата во Супер лигата и шампионот во Купот на Македонија, охридските ракометари стигнаа со борбена игра од почетокот до крајот на натпреварот. Победата, тренерот Раде Стојановиќ и ракометарите им ја посветија на „Рибарите“ и охридската публика, кои, поради мерките за безбедност не беа можност да бидат дел од дербито.
Раде Стојановиќ (Охрид) – Честитки за двете екипи за играта, коректноста и безпоштедната битка на теренот. Со триумфот над Металург, покажавме дека заслужуваме да бидеме во плејофот и да играме со најдобрите екипи од нашата земја. Победата им ја посветувам на „Рибарите“, кои, знам дека најмногу ќе се израдуваа на големиот успех. На минатиот натпревар со Струга не бодреа надвор пред салата, овој пат пораки со поддршка ни стигнуваа на сите и стварно тие живеаат за клубот. Натпреварот беше тежок и која екипа да победеше немаше да биде незаслужено. Никогаш не издвојувам поединци бидејќи губи и победува екипата, но во одлучувачките моменти блесок имаше нашиот голман Даниловски. Тој му даде ветар во грб на соиграчите кои на најдобар можен начин го наградија.
Зоран Кастратовиќ (Металург) – Добар натпревар и можност да се проверат силите пред почетокот на плејофото од Супер лигата. Му честитам на Охрид за победата кој се покажа тврд и незгоден противник. Во одредени моменти нашиот ривал беше надмоќен, го контролираше резултатот и текот на натпреварот. Во клучните минути од мечот не ја задржавме концетрацијата, во напад игравме многу нервозно и со грешки, а екипа каква што е охридската знаеше да го искористи. Во Металург има простор за напредок и мислам дека не очекува возбудлив финиш на македонскиот шампионат.
Иван Тасески (Охрид) – Тешко е да се игра пред празни трибини во Охрид. Очекуваш поддршка, полна сала и расположени навивачи, а доаѓаш и се е тивко и необично, барем за нашиот град. Во одбрана ги исполнивме сите задачи додека во напад имавме подеми и падови. Во ниту еден момент не попуштивме во одбрана, туку гиневме за секоја топка и ги „покривме“ недостатоците во нападот. Очигледна беше желбата за надигрување и победата во дуелот со Металург. Триумфот во дербито треба да ни даде позитивен елан во пресрет на дуелите од плејофот.
Даниел Дупјачанец (Металург) – Во натпреварот за престиж, очигледна беше желбата за победа во охридскиот состав. Негативата од три погодоци не ги обесхрабри, туку секогаш се бореа и успеаја да стигнат до посакуваната победа. Празните трибини требаше да бидат хендикеп за охриѓани, но испаднаа за нас бидејќи во составот не видов мотивација.
Филип Кривокапиќ (Охрид) – Со борбена игра во одбрана и брза транзиција му направивме проблем на Металург и на крајот успеавме да победиме. Единствено што жалам за дуелите од регуларниот дел од Супер лигата е што не завршивме на првата позиција. Победата над Металург ќе ни влее голема самодоверба пред плејофот и борбата за што повеќе бодови.
Мх.П.
Голема победа на „гладијаторите“, Металург падна во „Билјанини Извори“!