Ракометарите на Бутел Скопје ставија точка на серијата без пораз на охридските ракометари во Супер лигата. „Гладијаторите“ со 22-20 изгубија во дербито на колото и после цели 13 мечеви го почуствуваа горчливиот вкус на поразот. Дербито во Спортската сала „Антон Димитров“ најави жестока битка за местата кои водат во Европа.
Раде Стојановиќ (Охрид) – Вистина жалам за крајот на нашата серија без пораз. Но тоа не е нешто проблем бидејќи преостанатите четири мечеви во регуларниот дел од Супер лигата ќе ги искористиме за што подобра подготовка за дуелите од плејофот. Што се однесува до играта, во првото полувреме реализациски потфрливме а имавме одредени прилики да постигнеме погодоци и да се одлепиме. Во вториот дел се вративме од четири голови негатива и до самиот крај имавме шанса за позитивен резултат. Бутел Скопје се засили со двајца ракометари во зимскиот преоден рок и мислам дека ќе биде еден од најсериозните ривали во плејфот.
Дарко Јанев (Бутел Скопје) – Победата е добре дојдена против тим каков што е Охрид. Двете екипи сме здрави ривали и само така треба да продолжиме за доброто на клубовите и македонскиот ракомет. Во целина одигравме добро, но имаше некои подеми и падови кои мора да ги нормализираме. Не сум задоволен од играта со пивот во напад. Не дека јас бев пивот и форсирам нешто со пивот, туку тие се лесни комбинации кои вродуваат со плод. Одбраната беше солидна со мали исклучоци кога дозволуваме лесни удари на бековите и некои комбинации на шест метри. Охрид ќе биде тежок ривал во плејофот. Играат пред полна сала, добри навивачи и таму ќе биде екстремно тешко да се игра и победи.
Бојан Спасовски (Бутел Скопје) – Секогаш првиот натпревар на стартот од сезоната или полусезоната е многу тежок. Не знаеш во кој правец ќе тргне играта, што треба да промениш и што треба да подобриш. Во секој случај, ние против Охрид одигравме добар натпревар и успеавме да победиме. Имавме мали проблеми со настинки изминативе неколку денови, но со претставивме во вистинско светло. Нијансите кои го одлучуваат победникот во вакви натпревари ни припаднаа нам. Нешто бевме подобри во напад во финишот додека двете екипи одигравме солидна партија во одбрана.
OhridNews
Стоп за серијата на „гладијаторите“, Бутел Скопје го совлада Охрид!