Водечките екипи во Втората македонска фудбалска лига-запад, Струга Трим Лум и Лабуништа ги поделија бодовите ремизирајќи (0-0) во супер дербито кое се одигра на охридскиот стадион „Билјанини Извори“. Ова е второ реми помеѓу големите ривали сезонава, откако заврши 2-2.

Јетон Беќири (Струга Трим Лум) – Дерби во правата смисла на зборот. Ние имавме контрола во целокупната игра. За играта во дефанзивна немам зборови вистинска перфекција, додека нападот не можам да речам дека потфрли, но треба да се реализираат приликите. Можам да истакнам дека немавме и среќа, бидејќи и тој фактор е потребен во вакви натпревари. Ништо не е загубено, допрва ние и нашиот ривал треба да се бориме за бодови кои ќе не одведат во Првата лига.

Пепи Џигероски (Лабуништа) – На Струга Трим Лум му изразувам голема благодарност за пречекот, условите и фер и коректната игра и му посакувам многу среќа понатака. Вистински дерби натпревар без многу фудбалска убавина. Притисокот и значењето на бодовите си го направија своето. Добро го анализиравме противникот. Успеавме да ги затвориме сите нивни добри страни. Јас лично задоволен сум од резултатот, бидејќи како што кажав претходно влогот беше голем и не смеевме да изгубиме.

OhridNews

Втора МФЛ: Супер дербито без победник во Охрид