Фудбалерите на Гостивар забележаа нов триумф во Втората лига совладувајќи го Охрид со 2-0 на домашен терен. Гостивар постигна по еден погодок во двете полувремиња за сигурен триумф пред своите гледачи.
Амети Миџаит (Гостивар) – Да им честитам на двете екипи за фер и коректната игра. Клучот во победата лежи во реализацијата. Ние постигнавме голови од нашите шанси, додека Охрид не успеа да погоди. Имавме мал притисок пред мечот за победа но фудбалерите одиграа и одговорија многу добро на предизвикот. Наша цел останува да бидеме во ТОП 4 и ако ни се укаже шанса да зграпчиме една од првите две позиции на крајот на сезоната.
Гоце Толески (Охрид) – Како фудбалер порано и сега како тренер секогаш тежнеев да не се оптоварувам со судијата и судењето. Но ова што се случува на терените кога игра Охрид е неверојатно. Главниот судија не` не остави игра да развиеме во првото и во голем дел од второто полувреме. Секогаш кога ќе креиревме некоја добра акција се судеше контра фаул или офсајд. При крајот кога не остави судијата да играме створивме 2-3 прилики и штета што не успеавме да постигнеме погодок. За нас секој меч до крајот на сезоната е да се биде или не, бодови ни се потребни да обезбедиме опстанок.
Кристијан Тошевски (Гостивар) – Возбудлив натпревар и заслужена победа за нашиот тим. Пред мечот се договоривме да одиграме сигурно и да не се залетуваме бидејќи лесно може да се случи да примиме погодок и бркаме негатива. Наша примарна цел е да сме во самиот врв од табелата и подготвени да ја чекаме шансата за водечките позиции на табелата.
Охрид после поразот останува на последната позиција на табелата, додека Гостивар котира во горниот дел од табелата.
OhridNews