Одлуката за финалист од екипите на Реал Мадрид и Челси ќе ја даде реваншот на „Стемфорд Бриџ“, откако вчерашниот прв натпревар од полуфиналето во Мадрид заврши без победник 1-1. „Сините“ од Лондон поведоа со 1-0 преку Кристијан Пулишиќ, крунисувајќи ја добрата претстава на почетокот од натпреварот, додека „кралевите“ изедначија со голот на Карим Бензема.
Зинедин Зидан (Реал Мадрид) – Имавме многу подобро второ полувреме. Противникот започна брзо и силно, но мислам дека на крајот резултатот е фер. Сакавме да извршиме висок индивидуален притисок, но кога тоа не е многу добро, тешко се игра. Откако беше постигнат погодокот, игравме подобро. Добивме подобра контрола над играта. Сè уште сме живи и одиме на реваншот со мислите за победа. Генерално, задоволни сме од денешната игра. Знаеме дека играат добро на противничката половина, имаат борбен тим, малку примаат голови. Челзи не игра во полуфиналето случајно.
Томас Тухел (Челси) – Го започнавме натпреварот многу добро, игравме агресивно. Првото полувреме мораше да го добиеме. Ние го заслуживме тоа. Имавме многу шанси, многу полушанси, ни недостасуваше прецизноста на последното додавање, што ќе помогнеше да се создадат уште повеќе можности за гол. Резултатот од првото полувреме беше малку разочарувачки, па затоа беше важно да останеме смирени и да не ја изгубиме концентрацијата. До крајот на мечот, брзината падна, изгубивме во агресија, можеше да се види дека се изморивме. Ќе беше заслужено да победиме, но тоа не се случи. Треба да го прифатиме ова реми и да се обидеме да го добиеме следниот натпревар.
Реваншот се игра следната среда во Лондон.
Првиот круг од полуфиналето во ЛШ ќе се комплетира вечерва, со дуелот во Париз, помеѓу Пари Сент Жермен – Манчестер Сити.
OhridNews