Англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед широко си ги отвори вратите за пласман во топ 16 во Лигата на Шампиони, откако со 2-1 го совлада францускиот дрим тим Пари Сент Жермен на „Паркот на Принцовите“. Човек на одлука во дербито во Париз беше Маркус Рашфорд. Англискиот репрезентативец во 88-та минута го постигна погодокот кој им донесе триумф на „црвените ѓаволи“.
Игравме одлично, но има уште простор за напредок. Важно е за нас, фудбалерите, да веруваме во системот со кој главниот тренер ни вели да играме. Беше тешко на моменти, особено пред крајот на натпреварот, но сепак го одржувавме интензитетот висок. Понекогаш моравме да се браниме многу длабоко, бидејќи неверојатни играчи играат во ПСЖ. Убаво беше да се постигне гол, но победата е поважна. Сега имаме силна позиција во групата, но помина само едно коло. Треба да ги задржиме интензитетот и концентрацијата што ги покажавме на натпреварот против ПСЖ. – изјави стрелецот Рашфорд.
На Олимпико во Рим, Лацио со 3-1 го совлада германскиот бундеслигаш Борусија Дортмунд и со триумф ја започна кампањата во фудбалска Европа. „Милионерите“ воопшто не се задолни од перформансот во Италија, а најкритичен беше Марко Ројс.
Борусија спиеше во поголемиот дел од првото полувреме. Не можам да објаснам зошто се случи тоа. Во второто полувреме можевме да создадеме 2-3 добри шанси, но немавме амбиција или компактност. Така не сакавме да ја започнеме оваа Лига на шампиони. Недостаток на детали. Немавме доволно луѓе во последната третина од теренот каде требаше да создадеме закана. Играта со додавање не функционираше, не работеше ниту притисокот. Одигравме далеку од најдобрата игра и мора да прифатиме дел од критиките на нашата адреса. – рече Ројс.
Вечерва со преостанатите мечеви од четири групи ќе се комплетира првата рунда од групната фаза во ЛШ.
OhridNews
ЛШ: „Ѓаволска“ радост во Париз, Барселона броеше до пет (видео)