Охридскиот ракометен клуб освои само бод на гостувањето во Струга, ремизирајќи 17-17 (8-8), во популарното „Езерско“ дерби, кое се одигра во 6-та рунда од плејофот во Супер лигата. Шанса за победа имаа стружани, кои не реализираа седмерец, а шанса за победа имаше и Охрид, кој во погодокот не го претвори последниот напад на натпреварот.

Раде Стојановиќ (Охрид) – Знаевме дека ќе биде тежок натпревар. Струга играше многу мотивирано. Ние околу 52-та минута го имавме натпреварот во наши раце но техничките грешки и психолошкиот момент си го направија своето. Не барам алиби, но на последните два натпревари евидетно беше отсуството на Иван Тасески во играта во одбрана и во напад, а и во комплетната ротација на екипата. Ровит беше и Филип Кривокапиќ, но не бегаме од резултатот и ќе видиме каде и што сме погрешиле. Може да се каже дека ова е чекор назад во битката за местата на табелата, кои водат во Европа, но се додека има шанса ние ќе се бориме.

Наум Танески (Струга) – Секое дерби е исполнето со спортска тензија, така беше и ова. Еден од подобрите наши мечеви сезонава, а и воопшто во плејофот од Супер лигата. Момците заслужуваат честитки за играта и желбата, исто така и охридските ракометари. Имавме свои шанси ние, имаа и тие, затоа ремито е најреално.

Стружани со ремито ја прекинаа победничката серија на Охрид во локалните пресметки и го освоија третиот бод на табелата во плејофот од Супер лигата. Охриѓани со скор од две победи, две реми и два порази се наоѓаат на четвртата позиција на табелата.

OhridNews

 

Реми во „Езерското“ дерби после голема драма во Струга (видео)