Ракометарите на Охрид, запишаа нов триумф во „езерските“ пресметки со Струга, победувајќи на теренот од ривалот со 20-18. „Гладијаторите“ добро го отворија мечот и поведоа со 6-2, но отпорот на домаќините го „скршија“ во последните пет минути од натпреварот кога со серија од 3-0 се одлепија на 20-17. За охриѓани ова беше десетти триумф сезонава.
Раде Стојановиќ (Охрид) – Една од потешките победи кои ги извојувавме сезонава. Во целина задоволен сум од одбраната, додека нападот комплетно потфрли. Денешниот меч го добивме поради одбраната и голманскиот двоец Брауновиќ – Даниловски, кои ја направија разликата. Очигледен е пад во играта во напад, но мислам дека се работи и за мотивација. Сепак, на крајот победивме и чекориме кон максимален ефект, кој Охрид никогаш го немал во Супер лигата.
Наум Танески (Струга) – Распоредот е густ, а ние имавме одредени проблеми со повредени играчи. Поради повреда не настапија Славиша Димитријевски и Пеце Рајатовски, а и уште 2-3 ракометари се жалат на повреди. Париравме добро, не успеавме до крај, но мислам дека се претставивме во одлично светло.
Мартин Ивановски (Охрид) – Добро е што победивме и на тој начин го продолживме успешниот низ во Супер лигата. Не очекувавме ваков развој на натпреварот, но дерби си е дерби. Влеговме како фаворити, така и го започнавме натпреварот, но место на 6-2 да го решиме мечот, ние ги вративме игра со технички греши и избрзани напади. Простор за напредок има и ќе работиме напорно на следните два мечеви, а потоа и во текот на зимските подготовки.
Мартин Јовановски (Струга) – После натпреварот со Голден Арт КЛ7 влеговме опуштено, со надеж дека ќе заштедиме сили, но ако се пружи шанса да направиме нешто против Охрид. Игравме егал, а на крајот пресудија нашите технички грешки, кои ги направивме во самиот финиш. Охрид е премногу искусна екипа со квалитетни ракометари да се направат такви грешки. Мораме брзо да се опоравиме од поразот и веќе в недела да атакуваме на победа против Радовиш која ќе ни донесе плејоф.
Мх.П.