Охридските ракометари со 22-20 славеа против Струга во „Езерското“ дерби и поведоа со 2-1 во меѓусебните пресметки оваа сезона. Во третиот меч клучна улога одигра домашниот терен, како што беше и во претходните два кога двете екипи славеа пред своите гледачи.

Јагош Брауновиќ (Охрид) – Ова за мене е посебен натпревар и вечно ќе го паметам. Секоја чест за нашите навивачи, противничките и за неутралната публика во салата. Многу ни значи оваа победа, бидејќи поминав низ и сешто во оваа сезона. Одбрана одигравме феноменално и таа ми помогна успешно да интервенирам во повеќе наврати.

Цветан Кузманоски (Струга) – Прекрасно да се игра пред ваква публика и две фантастични навивачки групи. Натпреварот беше фер и коректен и треба да му се честита на Охрид. Сега, нас ни е редот добро да се подготвиме и да пружиме добар меч и да ги израдуваме нашите навивачи во дербито со Охрид.

Иван Тасески (Охрид) – „Рибарите“ и симпатизерите во салата ни беа ветар во грб. Силно ја посакувавме победата да им се реваншираме за поразот од регулраниот дел од сезоната. Одигравме со срце, без осцилации и морам да кажам дека е вистинска штета што не играме во плејофот.

Александар Тренечески (Струга) – Му честитам на Охрид за победата, а на двете навивачки групи за добрата преtстава и навивањето. Добро отворија во второто полувреме, направија предност и тешко беше многу да се брка негативата.

Златко Везенковски (Охрид) – Сами си направивме притисок да го добијаме дерби натпреварот. На крајот се исплатеше и успеавме да победиме. Сакам да и се заблагодарам на публиката за поддршката и да ја повикам на секој следен натпревар во ваков број да доаѓа да не бодри.

Мх.П.

Охрид победи во „Езерското“ дерби!