Екипата на Струга ги расчисти сметките со составот на Охрид во регуларниот дел од Супер лигата победувајќи пред своите гледачи во „Езерското“ дерби со (29-25). Клучниот чекор кон победата ракометарите на Струга го направија на стартот од второто полувреме кога поведоа со четири голови разлика. Охриѓани и покрај негатива се бореа, но не успеаја да избегнат пораз.
Ненад Костески (РК Струга) – Најпрво да се заблагодарам за фер плеј играта на Охрид, а потоа да ги пофалам навивачите на двете екипи и неутралните симпатизери кои го направија ова дерби посебно. Извлековме голема поука од оној натпревар кој го одигравме во Охрид. Знаевме дека ако влеземе во неизвесна завршница Охрид ќе го користи искуството, кое ние го немаме во Супер лигата. Добро е што составот на Охрид го скршивме околу 50-та минута кога ја вративме разликата на четири голови и без неизвесност го дочекавме финишот.
Борче Соколов (РК Охрид) – Првото полувреме го одигравме на ниво, но во второто полувреме потфрливме во сите сегменти. Струга знаеше да ги искористи нашите грешки, ние не успеавме да се вратиме и изгубивме на крајот. Иако се мали шансите, сепак уште постојат за пласман во плејофот.
Крсте Андоновски (РК Охрид) – Лошото отворање на второто полувреме не чинеше пораз. Многу технички грешки и избрзани шутеви кај нас, додека стружани погодуваа и дојдоа до предноста која се покажа превисока. Бркајќи ја негативата многу се потрошивме и тука некаде завршува нашата шанса за плејофот. Теоретски шанси имаме, но се премали. Сакам да им честитам на Струга за организацијата и на навивачите од двете екипи кои го задржаа ривалството, но и почитта.
Богдан Николиќ (РК Струга) – Тежок и исцрпувачки натпревар. Секоја чест за моите соиграчи и навивачите на Струга кои ни дадоа ветар во грб. Сакам да ги поздравам и гостинските навивачи кои го збогатија ова дерби. На стартот од второто полувреме со брзи голови поведовме со четири голови и задржавме сили за финишот. Охрид не само што проба туку и се врати во игра, но пак ќе кажам со помош од навивачите успеавме да се издигнеме од кризата и да славиме.
Фото: Струга славеше против Охрид во „Езерското“ дерби
OhridNews