Охридските ракометари совладувајќи ја Струга со 31-16 го задржаа максималниот ефект после три одиграни мечеви во македонската ракометна елита. „Гладијаторите“ без поголеми проблеми се справи со „езерскиот“ ривал Струга и ја оправда улогата на фаворит.

Денис Тот (Охрид) – Сите ракометари дадовме свој максимум и покажвме дека сме подобри од Струга. Физички сме подготвени многу добро што беше евидентно со темпото кое го одржувавме во текот на целиот натпревар. Единствено за што жалам се празните трибини и немањето публика. Бев сведок на минатогодишното дерби за кое двата града живеат. Јас се надевам дека ситуацијата со коронавирусот ќе се смири и ќе се вратат гледачите на трибините.

Наум Танески (Струга) – Ова за нас беше трет натпревар за шест дена. Пеколното темпо со мал ростер реално не можеме да го издржеме. Носителите на играта ни се со ситни повреди и се надеваме дека ќе играат в среда против Радовиш. Им дадов шанса на младинците, кои не се посрамотија, но мораме уште да работиме и да тренираме.

Раде Стојановиќ (Охрид) – Честитки за двете екипи на фер и коректниот натпревар. На дело покажавме дека сме поквалитетен противник и заслужено победивме. Струга не играше со комплетен состав бидејќи воопшто не настапија Николиќ и Илиевски, со кои сигурно ќе пружеа далеку подобар отпор. Ние одиме по зацртаната цел и на следните мечеви посакувам да ја видам желбата за игра и победа кај моите ракометари.

OhridNews

 

Убедлив триумф на Охрид во „Езерското“ дерби со Струга