Фудбалерите на Ренова обезбедија билет за учество уште една сезона во Првата македонска фудбалска лига, совладувајќи го Охрид на пенали со 3-2 (2-2), во бараж натпреварот кој се одигра на тренинг центарот од Фудбалската федерација на Македонија. „Рибарите“ два пати поведуваа во текот на мечот, а „гипсарите“ исто толку пати се враќаа во игра. Во пенал рулетот, охриѓани промашија три пати, што беше пресудно за конечниот победник.

Ќатип Османи (Ренова) – Како и што очекувавме тежок натпревар. Охрид потврди дека ја има најдобрата одбрана во двете второлигашки конкуренции. Одличен млад тим против кој ние немавме идеја во организацијата на нападите. Ги немавме неопходните финални проигрувања, па на крај може да бидеме и задоволни што среќено дојдовме до голот за пенали во 89. минута. Во секој случај, честитки за моите фудбалери за покажаниот карактер. Посакувавме опстанок на почетокот од пролетниот дел и успеавме во тоа.

Драган Бочески (Охрид) – Штета, испуштивме добра прилика да се вратиме во елитата и на најдобар можен начин да ја заокружиме одличната сезона во Втората лига. На играчите немам што да им замерам. Играа и се бореа во текот на целиот натпревар. Квалитативната разлика помеѓу екипата од Првата и Втората лига не се осети, благодарение на пожуртвуваноста на секаде од теренот. Грешки се случуваат во фудбалот, ние одиме со главите напред.

OhridNews

 

Бараж: Пеналите кобни за „рибарите“, Ренова остана во фудбалската елита