Потпишувањето на дипломатскиот протокол меѓу Србија и Русија, на крајот од Генералното собрание на ОН во Њујорк, предизвика лавина од рекции, како на Западот, така и во сама Србија, јави допсиникот на МИА од Белград.

Шефот на српската дипломатија, Никола Селаковиќ, денеска изјави дека нападите што следеа по неговото потпишување на планот за консултации меѓу двете министерства со шефот на руската дипломатија, Сегеј Лавров, претставуваат „обид да се дисциплинира Србија и нејзината принципиелна надворешнополитичка позиција“.

Со ова потпишување не станува збор за некаков политички заговор или за зла намера. Тој нема никаква правна важност и истото го потпишуваме со многу земји во светот, изјави Селаковиќ за ТВ Хепи и додаде дека Србија нема да ги признае руските референдуми во украинските региони.

Според анализата на ДВ на српски јазик, самиот тајминг на потписот, пак, предизвика сомнеж во западните метрополи, а тоа беше причина американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, да побара објаснување од српските власти. По разгледувањето на документот, Хил изјавил дека „нема ништо посебно во него, туку дека Русија го сакала потпишувањето на тој план (договорот) да ја оправда војната во Украина“.

Остро реагираа и во европските метрополи, меѓу кои Владимир Билчик, известувачот на Европскиот парламент за Србија, кажа дека тоа е „удар за проширувањето на Европската унија“, додека Виола фон Крамон, пратеник во Европскиот парламент и известувач за Косово, оцени дека тоа е „голем скандал“ и дека „може да биде сигнал за замрзнување на преговорите со Србија“.

Српската премиерка, Ана Брнабиќ, пак, наведе дека по потпишувањето на документот со Русија „почнало лудилото и хистеријата“, а тоа, како што оценува, се должи на „храбриот и искрен говор на Александар Вучиќ во Обединетите нации“.

Во нормални времиња овој потпис не би претставувал никаков проблем, истакнува за ДВ Сузана Грубјешиќ од Центарот за надворешна политика.

Но, тоа се случи во погрешно време и на погрешно место. Тој потег во суштина беше од корист за Русија – да покаже дека сè уште има сојузник и земја со која соработува, а Србија немаше никаква корист од сето тоа“.

Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски прашања, смета дека тоа е „несмасна, но планирана постапка на српските власти за антагонизирање на односите со Вашингтон и Брисел“.

Ми се чини дека Москва вршеше притисок врз Белград да дојде до таа средба, за да пренесе некои пораки кои не можеа директно да се пренесат под овие околности. А кои се пораките кои претседателот Вучиќ ги доби од Путин, ќе видиме во наредните денови. Интересно е што министерот Селаковиќ претерано ја рекламираше таа средба, како да сакаше дополнително да го иритира Брисел, иако Србија е земја кандидат за ЕУ, кажа тој.

Вчера социјалдемократите, втората по големина парламентарна група во Европскиот парламент порачаа дека „не може да се продолжат пристапните преговори со Србија доколку Белград не воведе и не се усклади со санкциите на ЕУ против Русија“.

Некои опозициски политичари во Србија предупредуваат дека, доколку Србија не воведе санкции кон Русија, постои опасност ЕУ да воведе некакви санкции кон Србија, вклучително и прекин на преговорите со ЕУ, пишува белградски Данас, кој наведува аналитичари според кои „моментот кога ќе се формира новата српска влада е последниот момент кога мора да се воведат санкции против Русија“.

И од актуелната српска Влада доаѓаат спротивставени ставови во поглед на орентацијата кон ЕУ или Русија. Вчера вицепремиерка Зорана Михајловиќ изјави дека „на „Србија местото и е во ЕУ, дека тоа е стратешка цел на државата и политика што ја спроведуваат Владата и претседателот на пепубликата и дека инсистирањето Србија да биде неопределена е наметната дилема и затоа правец Запад“, на што министерот за внатрешни работи, Александар Вулин порача дека „Србија треба да се запраша дали сака да стане дел од сојузот (ЕУ) што ќе ја доведе во конфликт со целиот свет“.

OhridNews