Реформите во судството во Македонија се обременети со проблеми и политички влијанија, оценуваат меѓународните експерти. На меѓународната работилница што во организација на Здружението на судии на Република Македонија и Амбасадата на САД се одржува во Охрид, Џон Мекнил, правен советник во Амбасада на САД, упати сериозна критика на работата на Судскиот совет, кој според него не ја оправдува улогата за која постои.

Во разговорите со судиите последнава година, има речиси целосен консензус дека Судскиот совет се соочува со потешкотии во исполнувањето на неговата клучна улога – да ги заштити судиите од политичко влијание и од претседателите на судовите кои работат надвор од нивната надлежност. Многу од судиите со кои што разговарав се прашуваат дали Судскиот совет може соодветно да евалуира и унапредува квалификувани судии без да ги земе во вид ставовите на владините функционери. – рече Мекнил.

НАТО и ЕУ оцценувачите се јасни дека по решавањерто на спорот за името со Грција најважниот критериум за прием на земјата е унапредувањето на состојбите во областа на владеењето на правото, додаде Мекнил.

Број еден задача е вистинска судстка незавивност. Тие бараат повеќе од само закони кои што ќе кажат дека судиите се независни, туку јасно да се покаже дека судиите овде во Македонија имаат не само способност туку и храброст да донесат одлуки базирани на факти и закони, без да ги имаат во вид желбите на моќните политички актери. – истакна Мекнил.

Но дали критиките на меѓународниот фактор допираат до телата и органите во правосудниот систем?Субхи Јакупи, поранешен член на ДИК, кој заедно со колегите беше разрешен бидејќи си делел бонуси, на последната седница на Судскиот совет беше избран за виш управен судија. Според претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, за мнозинството членови на Судскиот совет очигледно тој бил најдобриот кандидат.

Немаше единство во гласањето, но го доби потребниот број гласови и тука немам што да кажам. Ги имавме предвид сите забелешки, меѓутоа изборот беше таков каков што заврши.- рече Караџоски.

Претседателот на Здружението на судии на Македонија, Џемали Саити, вели дека подолг период се мониторира работата на Судскиот совет од кој е побарано да ги почитува сите процедури при изборот на судиите, се со цел да нема судии кои ќе бидат обесправени во нивното унапредување. Запрашан дали политиката има влијание на изборот на судиите, Саити рече дека луѓето во Македонија се тие, во одреден период се наоѓаат на одредена задача при унапредување на фунциите и не е исклучено лица кои биле на политички функции да бидат избрани.

Колку сега е влијанието на политиката при одлуката за тој кандидат и дали е тоа клучно, останува да се види. – додаде Саити.

Министерката за правда Рената Дескоска која учествува на Меѓународната работилница во Охрид, исто така на новинарско прашање за влијането на партиите, конкретно на ДУИ на изборот на судии што се случи деновиве, истакна дека слушнала оти има реакции околу изборот, но таа не присуствувала на седницата и не знае кој бил предложен, а кој отпаднал, туку само кој е избран и не сака да се меша во тој орган.

Јас ниту еднаш од стапувањето на мојата функција не сум била на седница на Судскиот совет, а сега со реформите во правосудството ќе се предвиди законска одредба со која ќе се забрани повикување и присуство на министерот за правда на седници каде ќе се врши избор на судии. – изјави Дескоска.

Дескоска истакна дека темите на дискусија во Охрид што се однесуваат на судството се посебен предизвик за Република Македонија не само како реформски процес во пристапувањето кон ЕУ и НАТО, туку и како потреба на граѓаните за воспоставување независно судство, што ќе суди врз основа на законите, судство кое ќе ја врати вербата во правдата во Македонија и кое ќе овозможи остварување на човековите права.

Г.М.