Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска положи заклетва за нов петгодишен претседателски мандат.

Се колнам во мојата чест и интегритет пред големата турска нација и историја дека ќе го зачувам постоењето и независноста на државата, дека ќе се придржувам до Уставот, владеењето на правото, демократијата, принципите и реформите на Ататурк и принципите на секуларната република, рече Ердоган на церемонијата на инаугурација во Парламентот во Анкара.

Ердоган, кој е лидер со најдолго владеење во Турција, победи на неодамнешните претседателски избори.

Во вториот круг освои 52,2 отсто од гласовите и со тоа го победи противкандидатот Кемал Киличдароглу.

Инаугурацијата ќе биде проследена со церемонија во претседателската палата, на која ќе присуствуваат високи претставници од 78 земји и меѓународни организации.

Ердоган стана премиер во 2003 година, откако неговата Партија на правдата и развојот (АК) победи на изборите кон крајот на 2002 година, по најтешката економска криза во Турција од 1970-тите.

Тој стана првиот директно избран претседател на Турција во 2014 година, а беше реизбран во 2018 година, откако ги обезбеди новите извршни претседателски овластувања на референдумот во 2017 година.

OhridNews