Со одлука на Судскиот совет денеска се разрешени двајца судии од Основниот суд во Охрид поради нестручно и несовесно работење.

Од функцијата е разрешена судијката Весна Кичеец поради процесот против српскиот државјанин Бојан Угреновиќ, кој на Нова година до смрт го претепа охриѓанец Димитар Матилоски во центарот на градот. Поради развлеченото судење од повеќе причини Угреновиќ беше пуштен од затвор, по што ја напушти државата. Во отсуство тој беше осуден на казна затвор во траење од 16 години, но до ден денешен тој е недостапен за правдата.

Судијката Кичеец, која има право на жалба, согласно одлуката на Судскиот совет, е оддалечена од работното место. Во изјава за Тв 24, таа рече дека не може да поверува во информацијава и најави жалба на одлуката на Судскиот совет.

Секако дека ќе вложам жалба. За Ваша информација, првата моја одлука за Угреновиќ е донесена само по месец и половина од добивање во работа на предметот, по признание на вина и изречена му беше казна од 16 години. За Апелација Битола казната беше висока, ја укинаа пресудата, висока била казната и покрај тоа што остануваа уште помалку од 4 месеци до максиналниот рок за притвор. Повторно ја донесов истата одлука, Апелација ја преиначи на 8 години, Врховен ја преиначи нивната и повторно изрече 16 години. Навистина незнам каде е мојата вина, цените сами, меѓутоа, тоа е што е, мора да се прифати. – изјави за тв 24 судијката Кичеец.

Другиот охридски  судија што е разрешен е Трајче Скрчески, иако тој е веќе во пензија.

OhridNews