Вчера во КИЦ „Култура 365“ беше претставено дел од творештвото на охридскиот писател Зоран Ковачевски.
Пред присутните, меѓу кои дел од охридските книжевни творци како и ученици од ОУ „Григор Прличев“, м-р Лидија Размоска истакна дека прозното дело на Ковачевски има исклучително значење во македонската литература, стоејќи на премнот од модернизмот кон пост-модерната.
„Но не онаа која се затвара во своите рамки и симболички трага по несвеното и потвесното. Таа е крик која го повикува писателот да одговори на егзистенцијалистичкото прашање за одговрноста околу насоката по која треба да се движи човештвото.“ – истакна Размоска.
Говорејќи за неговата втора книга насловена како „Семејни фрески“ од 1976 година, Размоска потенцира дека авторот сакајќи да ја оформи целосната слика за некогашниот живот, неизбежно ќе го прикаже своето семејство.
„Животот на едно семејство, авторот го прикажжува преку секојдневието на еден млад човек, а кој во желбата за љубов и подобра иднина е во постојана потрага. Ковачевски се осврнува на сите подеми и падови, конкретно во периодот од Втората Светска војна, на маките и страдањето на едно семејство, на раселените. Со тоа несомнено е запишана историјата на едно македонско семејство низ војната.“ – потенцира Размоска.
За збирката раскази „Пејач“, Размоска вели дека делото претставува отворена порта кон големиот свет по кој секогаш копнее човекот.
„Расказите со препознатлив стил на авторот, главно се лоцирани во Охрид со јасно универзални пораки. Главните јунаци претставуваат јунаци на својата средина, но кои со својата животна филозофија и однесување, отстапуваат и дури се во судир со владејачките актуелни вредности. А вредностите што тие ги застапуваат се општо човечки. Тие се во судир со животот, нормите и вредностите кои ги наметнува современата индустриска цивилизација.“ – рече Размоска.
Таа се осврна и на книгата „Охридски раскази“, во која авторот преку својата безвременска порака ја пренесува добрината и почитта како особини кои треба да бидат карактеристика на секое човечко битие.
„На таа линија, Ковачевски како прозаист сака да ги проучува патолошките појави во општеството. Не само да ги проучува, туку и да ги критикува и карикира, секогаш поврзувајќи ги со онаа филозофска карактеристика за учењето на апсурдот.“ – потенцира Размоска.
Инаку, зад литературниот опус на Ковачевски се наоѓаат збирките раскази „Охридски приказни“, „Аристотел во Ресен“, „Пејач“, „Кога ни петлите не пеат“, како и романите „Семејна фреска“, „Летачи на метли“, „Одмазда“, „Историја на светото дело“.
O.T.