Висината платите, реформите, долговите на здравствените установи и  реорганизацијата на Клиничкиот центар се темите на кои во Охрид  разговараа претставници на здравствениот синдикат, министерството и фондот за здравство.
 

Од синдикатот немаат забелешка на процесот на реорганизација на Клиничкиот центар, откако како што велат оттаму од претставниците на министерството и фондот добиле уверување дека зад целиот процес не се крие обид за приватизација. Во врска со платите, претседателот на синдикатот за здравство, Симеон Силјаноски, рече дека во моментов исплатата на платите сеуште на терен се врши  различно но воглавно по стари коефициенти што според него е нелигитимно и ќе мора да се преиспита.

Околу долговите на болниците, синдикатот смета дека болниците кои меѓусебно си должат треба да седнат и да се договорат за начините на исплата, наместо проблемот да го решаваат по судски пат.
 
Во врска со случувањата во Здравствениот дом во Охрид Силјаноски рече дека овие здравствени организации влегоа во реформи пред да бидат обезбедени соодветни услови за работа. Пакетот на услуги на  Здравствените домови е преголем и чини многу поради што во минатото не можеа да се подобрат условите за работа, рече Силјаноски. Тој рече дека синдикатот подготвува предлог за што побезболно спроведување на  реформите, особено за вишокот вработени во здравствените установи.