Жаклина Лазаревска е родена на 3.11.1964 г. во Охрид. Таа е член на СДСМ и пратеник во Собранието на Р.С. Македонија во изминативе три години. По професија е дипломиран математичар – информатичар и од 1 септември 1987 година е професор по информатика во гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид. Во своите најплодни професорски години Жаклина Лазаревска напиша Учебник и Збирка задачи за Програмски јазици за III година гимназиски паралелки природно – математичко подрачје и Збирка задачи за програмирање во С ++. Пред да стане пратеник Лазаревска од 2013 до 2016 година беше советник во Советот на општина Охрид. На ден пред молкот во интервју за OhridNews Лазаревска зборува за себе, за искуството во политиката, за изборната кампања и за мотивот и желбата пак да се најде во пратеничките клупи.
ON: Влеговте во уште една изборна трка за пратенички мандат, кој беше мотивот и како ја оценувате кампањата на вашата партија и коалиција и кампањата на политичките противници?
Лазаревска: Партијата повторно одлучи и ме стави на листата на кандидати за пратеници а мојот мотив е да се продолжи со воспоставениот курс на државата, да се работи во името и интересот на граѓаните, да се почувствува вистински пратенички мандат во донесување на европски закони ако се земе предвид каков и колку беше тежок претходниот прекинат мандат поради предвремените избори. Горда сум што активно учествував во спроведувањето на политиките на нашата Влада. Не се колебав и сега не се каам за ниту една од донесените одлуки а беа донесени многу тешки и крупни одлуки. Бев присутна на 27 април, на денот на упадот во Собранието. Бев и активно партиципирав при донесувањето на Законт за јазиците, бев кога се гласаа Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, измените на Уставот… Како пратеник дадов од себе толку, колку што се бараше и колку дозволуваа приликите. Знаете дека имавме исклучително тежок мандат. Се борев за подобрување на состојбите во образованието, труд и социјала, за Охрид, за државата. Не велам дека не можев повеќе но во интерес на донесувањето на законите со кои ги правевме реформите во сите сфери. Во мое претседателство со Комисијата се донесоа доста закони и законски измени и дополнувања во сферата на образованието и науката. Бев член во најработливата и тешка комисија за труд и социјална политика. Тоа ме мотивира да побарам уште еден мандат во кој би можела да направам уште повеќе и уште подобро во интерес на нашите граѓани.
Што се однесува до вашето потпрашање затекот на кампањата би одговорила вака: Зад нас остануваат две суштински спротивни кампањи. Нашата, исклучително позитивна, 100% безбедна по здравјето на сите, кампања во која се фокусираме на презентирање на својата програма, и таа на ВМРО ДПМНЕ – негативна, понижувачка, националистичка и небезбедна кампања од здравствен аспект.
ON: Спомнавте и самата, но да потсетиме. Бевте пратеничка можеби во најтурболентниот парламент и пратенички состав кој ќе остане запаметен по низа одлуки кои претходните состави или не сакаа или немаа храброст да ги изгласаат. Како гледате сега од дистанца на тој период, кој секако не е далечен?
Лазаревска: Многу тежок период, полн со турболенции и донесување на судбоносни одлуки. Период во кој желбата да се доведат работите на вистинскиот пат, да се решат и да се затворат сите отворени прашања на внатрешен и надворешен план, да се истрае пред предизвиците и конечно да се обезбеди сигурна иднина на татковината со влез во НАТО и почнување на преговори со ЕУ.
ON: Се соочивте со Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор со кој дојде до промена на Уставното име на земјава. Го ратификувавте и приемот во НАТО, во најава се преговори со ЕУ. Веројатно до вас допираат и реакциите на јавноста. За дел од неа вие застанавте на страна на прогресот и иднината на земјата, дел пак, како и како и опозицијата ве нарекуваат предавници. Што беше пресудното да го дадете вашиот глас за овие одлиуки?
Лазаревска: Ќе кажам сосема кусо. Толку многу се зборувало на оваа тема. Иднината на нашата држава, иднината на нашите деца и идни поколенија. Камо да се најдеа храбри и чесни луѓе и овие спорови да ги решеа уште во деведесеттите години ние сега ќе бевме на рамниште со Словенија и Хрватска, се’ ќе беше поинаку…
ON: Во Парламентот дојдовте од охридската гимназија и разбирливо беше и е да сте заинтересирани најмногу за решавање на проблемите во образованието. Бевте и претседател на Комисијата за образование.
Лазаревака: Да, бев член во Комисијата за образование, наука и спорт а од октомври 2018 година станав и претседател на комисијата. При донесување на буџетите и ребалансите на буџетите три пати гласавме за зголемување на платите на просветните работници при што за две и пол години кумулативно тие се зголемија за 21,3% или во номинална вредност основната плата на наставниците во основните и средните училишта се зголеми за 4500-5000 денари.
Исто така беа донесени следните закони:
1. Се укина екстерното тестирање и се тргнаа сите некоректни казни за просветните работници со цел да се покаже дека казните не секогаш се правилен начин за мотивација на просветните работници.
2.Се донесе сеопфатна Стратегија за образование за периодот 2018-2025
3.Се донесе Законот за високото образование со што на Универзитетите им се врати автономијата.
4.Се донесе Закон за субвенционирање на младите музички таленти при купувањето на музички инструменти.
5.Се донесе Закон за математичка гимназија.
6.Се донесе Законот за основно образование.
7.Се донесе Законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование.
За гимназијата во Охрид на мој амандман и’ се доделија парични средства од ребалансот на Буџетот во 2017 год. во износ од 1 340 000 ден за опремување на кабинетите на поткровјето со најсовремени нагледни наставни средства и училишен инвентар.
Жаклина Лазаревска: пратеничко прашање до премиерот Зоран Заев – 28 декември 2017 г.
ON: Како жител на Охрид и претставник на граѓаните кои ве избраа и во среда од нив повтоно чекате глас. Што сторивте вие, а и СДСМ за охриѓани?
Лазаревска: Поставив 14 пратенички прашања произлезени од самите граѓани, групи на граѓани, охриѓани. Се залагав за решавање на најгорливите проблеми на општина Охрид па уште во декември 2017 година моите први пратенички прашања беа поврзани со помош од државата во однос на задолженоста и блокираната сметка на општината и преземањето на работата на колекторскиот систем од страна на државата со една единствена цел, давање ветар во грб на локалната самоуправа и градоначалникот за да можат во иднина да креираат развоен буџет на општината. Со своето активно учество во комисијата за труд и социјална политика секогаш покрај за големата слика водев сметка за интересите на охриѓани па така за своите сограѓани моите податоци кажуваат дека придобивките од правиот пат за Охрид и охриѓани се:
– Зголемена за 300% социјална помош на 516 охридски семејства.
-Секој месец материјална помош во износ од 8400 ден. обештетување до пензија на 286 стечајци од Охрид
-26% поголема плата на 112 вработени во детските градинки во Охрид
-За една година кумулативно зголемување за 21,3% на платите на сите просветни работници во Охрид
– 25% зголемување на платите во јавните научни установи, меѓу кои е и Хидробиолошки завод, и изнаоѓање на можност за исплата на минат труд.
-Укинување на радиодифузната такса на СИТЕ семејства во Охрид и државата
-Враќање на евтината тарифа на струјата и воопшто никакво зголемување на цената на струјата во последните 3 години
-Зелена нафта за 1024 земјоделци од општините Охрид и Дебрца.
– Исплатени субвенции на земјоделците и сточарите од овие две општини, исплатени штети од земјотресите.
ON: На што друго сте горда од вашата работа и на што ќе се сеќавате?
Лазаревска: На сите мерки кои значат подобар живот за сите, на своите колешки и колеги со кои заедно без никакви калкулации донесувавме важни одлуки за доброто на државата и нејзините граѓани, на своето учество и придонес во работата на националниот Мешовит комитет и ЕУ.
ON: Ако влезете во идниот парламентарен состав со ова искуство кое го имате на што сега ќе се насочите?
Лазаревска: На подобрување на многу законски решенија кои го стопираат брзиот развој на државата, на подобрување на законската регулатива и состојбата во образованието и здравството, на континуирано подобрување на социјалната состојба на граѓаните, на лобирање за доброто на Охрид и развој на општината, за зацврстување на надзорната функција на собранието, за родовата еднаквост и донесување на закони во кои се имплементираат барањата на Истанбулската конвенција, за правата на децата и младите, за воспоставување на еколошки стандарди во сите сегменти на општеството… за се што значи подобар и поквалитетен живот.
ON: Жаклина Лазаревска приватно. Имате ли време за хоби и слично?
Лазаревска: Сопруга, мајка на два сина, свекрва и баба на прекрасната тримесечна внука Лина која од ден на ден ми ја покажува љубовта без граници. Кога се сака за се’ има време. За другарување со убава книга и одгледување на цвеќе секогаш наоѓам слободно време.
ON: Вашата порака до гласачите.
Лазаревска: Почитувани сограѓани, почитувани охриѓани. Покажавме дека МОЖЕМЕ да работиме во интерес на граѓаните, МОЖЕМЕ да донесуваме правилни и праведни одлуки но исто така знаеме и дека МОЖЕМЕ УШТЕ ПОВЕЌЕ, УШТЕ ПОДОБРО заедно со Вас да ја градиме нашата европска иднина. Затоа на 15 јули ве повикувам масовно да излезете на гласање, да ги почитувате протоколите за 100% безбедно спроведување на изборите, и во интерес на сите да го заокружите бројот 3 кој ветува просперитет и светла иднина за сите нас.
OhridNews