Охрид како светски град на културата го има фестивалот „Охридско лето“, Кој е врзан со моите најрани сеќавања, но и со мојот развој како личност и како уметник. На овој подиум имам слушано стотици концерти и секое доаѓање на концертот за мене било и лекција. Од денешна гледна точка е задоволство да се биде учесник на сцената која сте ја гледале од најмали нозе, вели во интервју за Охридњуз, еден од нашите најреномирани пијанисти, Дино Имери.
Повод за интервјуто, кое го снимивме во прекрасниот амбиент на винаријата во „Вила Пупин Сараиште“, беше е неговиот настап вечерва на фестивалот „Охридско лето“.
Настапот минатата година на „Охридско лето“ беше посебно искуство бидејќи беше пијано соло формат по единаесетгодишна пауза и се уште ме држат импресиите. Ме импонираше што критичката јавност излезе со многу сериозни пофалби, но и самиот амбиент и публиката. Се случи една прекрасна енергетска размена. Кога ја добив поканата и оваа година да се вратам не размислував, имаше можност во мојата агенда и еве сум тука. Годинава настапувам со вилончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, ова е наша прва соработка. Имаме сериозна програма која доликува на ваков фестивал. Не може да се каже дека пијаното е придружба на виолончелото, туку напротив би кажал дека се случува партнерски однос на двете делници, така што Драган ја одбра програмата, а јас со задоволство ја прифатив. Потребна е голема музичка култура за да функционира убаво едно вакво дуо на пијано и виолончело, потенцира Имери.
Во прекрасната црква „Св. Софија” уметниците ќе изведат дела од Бетовен, Шнитке, Шуман и Рахмањинов.
Имери вели малку луѓе знаат колку голем влог, напор и труд вложува еден уметник за да подготви и презентира едно дело пред јавноста.
Кога ќе дојдете на ниво тоа што сте го сработиле да им го презентирате на луѓето и кога ќе ги оживеете тие ноти и ќе дадете еден личен печат практично музиката ја живеете вие колку и таа што ве живее вас и во таа симбиоза неможе слушателот да остане рамнодушен, истакнува Имери.
Неговата веќе 16 годишна кариера никогаш не била само локална, бидејќи од самите почетоци влегол во меѓународните води и многу рано требал да се носи со тој предизвик.
Не беше лесно, посебно на почеток како млад човек со помало искуство. Но, постепено со многу работа дојдов до тоа да можам да се носам со оваа улога. Дополнително ја користам секоја можност да ја претставам нашата култура во светотот. Имав добро образование дома со врвни стручњаци кои ми го пренесоа искуството и паралелно ја создавав таа меѓународна кариера.
Имери говори и за проблемите со кои се соочуваат домашните уметници потенцирајќи ги изолираноста со светот во поглед на инфраструктура и вториот сегмент дека дома секогаш се третирани како уметници од втор ред.
Се надевам дека во наредните години ќе видам промени во овој поглед ако не за мојата генерација барем за генерациите по нас, бидејќи губиме многу добри кадри, кои си заминуваат надвор, ги ценат, работат во подобри услови и го имаат тој луксуз да не се постојано изложени на тој однос кој не доликува за едно зрело општество, потенцира Имери.
Во интевјуто на Охридњуз, Имери говори за настапите, соработката, наградите, поддршката од семејството, почетоците на музичката кариера, местото на музичарите во општеството, како и патот до успехот.
Н.С.Ј.
видео/фото. А. Момироска/ Б. Стојаноски