Традиционално, пред почетокот на финалните подготовки за третото издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, OhridNews разговараше со првиот човек на градот, Константин Георгиевски. Во разговорот со в.д. градоначалникот, зборуваме за Охрид трчаТ, поддршката од Општината, значењето на ваквите спортски настани за градот и жителите и за будењето на волјата за спорт кај најмладите.
ON: Охрид трчаТ последните години ја раздвижи не само спортската јавност туку и целото граѓанство во Охрид и пошироко. Што мислите за Охрид трчаТ?
Константин Георгиевски: Охрид трчаТ е една одлична манифестација која беше насушна потреба за нашиот град. Јас имам огромен респект кон организаторите кои што можат да се пофалат со уште неколку настани, а не само Охрид трчаТ. Искрено сакам што повеќе настани и случувања да има во Охрид. Дефинитивно можам да кажам дека Охрид трчаТ од ентузијастичка идеја стигна да биде бренд со кој сите се гордееме и нетрпеливо чекаме да дојде настанот.
ON: Општина Охрид е партнер на Охрид трчаТ од самиот почеток, дали тоа ќе продолжи и дали ќе има дополнителни активности во насока на поддршка на самиот настан?
Константин Георгиевски: Општина Охрид е партнер, поддржувач и помагател на Охрид трчаТ и сите активности кои се во склоп на Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“. Оваа година трите настани кои ги организира Асоцијацијата се ставени директно во програмата за спорт и млади. Средствата кои се издвојуваат се носат со одлуки јавно и транспаретно на седница од Совет на Општина Охрид. Спортските проекти од Асоцијацијата ќе бидат поддржани со 1 300 000 денари.
ON: Спортот и спортскиот начин на живот е основа за добро здравје и среќен живот на човекот. Колку е важно спортувањето и колку ние како возрасни ги мотивираме децата да спортуваат и да водат здрав живот?
Константин Георгиески: Спортот посебно за нас повозрасните генерации или кои одиме кон таму, беше многу битен сегмент во нашиот развој како млади индивидуи и студенти и сега треба да направиме нешто што ќе остане за нашите поколенија. Помладите генерации повеќе се насочени кон визуелни игри пред компјутер, таблет и мобилните телофони и целосно го игнорираат играњето пред зграда, стадионот или на спортски терен, што за нас беше причина за среќно и безгрижно детство. Спортот е сегмент кој го јакне духот кај човекот и ја чисти мислата и апелирам до сите родители да ја всадат волјата за спорт кај дечињата, а јас како вршител на должност градоначалник и Општината Охрид имаме задача да помагаме и да ги мотивираме сите чинители во спортот.
ON: Охрид трчаТ оваа година најавува незаборавен и недоживеан викенд за сите учесници посебно за охриѓани. Што значатТ ваквите настани за Охрид, за нас како заедница?
Константин Георгиевски: Настаните како Охрид трчаТ, Охрид треил и Европскиот куп во триатлон значат многу за град како Охрид. Градот се промовира, доаѓаат учесници од цела Македонија и странство, а жителите го чувствуваат пулсот кој може да го понуди само спортот. Учесниците на спортските настани ќе уживаат во градот, ќе се запознаат со нашата култура и ќе ги разгледаат сите знаменитости кои ги нуди Охрид.
ON: Охрид трчаТ, не е единствен спортски настан кој го организира Асоцијацијата со нејзините партнери. Пред десет дена на средбата со медиумите го најавивте Охрид треил, а минатата година во Охрид успешно се одржа Европскиот и Балканскиот куп во Триатлон. Што би им препорачале на сите кои организираат настани, без разлика дали се поврзани со спортот, културата или музиката
Констатин Георгиевски: На сите кои што организираат настани поврзани со спортот и културата би им препорачал да се огледаат на Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“. Тие се одлични перфекционисти во својата работа, многу добро се организирани и имаат фокус во идеите и целите кои сакаат да ги постигнат. Импровизациите во нивната организација се на најниско можно ниво и сите треба да го следат нивниот пример, како се сака градот во кој се живее и твори.
Пријавувањето за учество на спортскиот настан број еден во Охрид е во тек и тоа може да се направи на интернет страницата: ohridtrcat.mk. Организаторите подготвуваат неколку новитите и изненадувања кои Охрид трчаТ ќе го направат вистински спортски настан за уживање.
Михаил Постоловски
Фото: Мега продукција