Власта не успeа да се справи со ниту еден од проблемите кои ги предизвика пандемијата. Вакцини нема, а државата не се ни обиде да воведе здравствена дипломатија, здравствената состојба се влошува, стопанството е во незавидна ситуација. Во еднен таков неповолен амбиент со сила се турка попис. Излез од целокупната ситуација во која се наоѓа земјата не е техничка влада, туку Влада на национален спас, вели во разговор за OhridNews Љупчо Димовски, претседател на Социјалистичката партија на Македонија. Тој се осврнува и на проблемот со заштитата на светското природно и културно наследство на Охрид, како и на уништувањето на рибниот фонд и Охридското Езеро…
ON: Овој разговор го правиме во невообичаен амбиент во кој се наоѓа земјата, но и светот воопшто, време во кое пандемијата предизвикана од коронавирусот Ковид 19 повторно се разгорува. Во тој контекст како гледате на актуелната состојба кај нас и на тоа како државата се справува со последиците од здравстената криза која е и економска, но и социјална?
Љупчо Димовски: Единствена е констатацијата за состојбата дека е таа навистина крајно загрижувачка. За жал власта не успа да се справи со ниту еден од проблемите кои ги предизвика пандемијата. Дотолку повеќе што токму власта претставува генератор на дополнителни проблеми кои со тек на врема станаа се поголеми. Сите почетни проекции и параметри на надлежните институции базирани на алгоритамот се покажаа како промашени. Наместо цифра од околу 2.000 заболени лица во Република Македонија евидентирани се над 100 илјади инфицирани граѓани, но она што е особено загрижувачко е бројот на починатите граѓани од над 3.300 лица во моментов.
Уште во самиот почеток, минатата година токму во март месец, сите преземени мерки се покажаа неуспешни. Препораките за оддржување на потребната дистанца, користењето на средствата за дезинфекција, задолжителното носење на заштитните маски, воведувањето на рестрикции и ограниченото движење на граѓаните, селективното воведување на полициски час, но и пост фестум воведување на кризната состојба не ги дадоа очекуваните ефекти.
Сите тие мерки дополнително создадоа психолошка траума кај граѓаните кои со право реагираа на неефикасното работење на институциите. Наместо планско надминување на состојбата сведоци сме на голем број на импровизации, почнувајќи од самата Комисија за заразни болести која се раководеше и беше опседната од медиумското внимание со исполнување на очекувањата на владата, од ресорното Министерство за здравство и на крај од самата Влада која носеше одлуки кои или беа задоцнети или недоволно ефикасни. Активноста на Владата, преку презентација на невистинити податоци за сериозноста на пандемијата и објективната состојба, беше насочена кон спроведување на парламентарните избори како приоритет.
За сите можни сценарија и опасноста од ширење на пандемијата власта благовремено беше најдобронамерно предупредена од страна на опозицијата. Сите опозициски предупредувања беа поткрепени со конкретни предлози за воведување соодветни мери во здравствениот сектор, но и во стопанството и економијата.
Како последица од пандемијата загрижувачка е состојбата и во стопанството. Производството е драстично намалено, нема никакво инвестирање, а оние големи инвеститори од технолошко идустриските развојни зони се повлекуваат. Тоа е сериозен аларм за економијата и потврда на лошите политики кои мора да престанат. Несериосниот и неодговорен однос на Владата кон стопанството и воопшто кон граѓаните придонесе за бројка од десетици илјади лица кои го имаат загубено своето работно место.
Лошата состојба е особено изразена во хотелско-угостителската дејност. Власта не смогна сили на вистински начин да помогне. Се покажа дека и воведените ваучери немаат ефект затоа што грубо беа злоупотребени за сосема други цели. Охрид е особено погоден од очигледната неподготвеност на власта да помогне и рекцијата на хотелиерите и угостителите навистина е разбирлива.
ON: Земјата се соочува со недостиг на вакцини, што дополнително ја компликува ситуацијата. Со ваков проблем се соочуват многу земји, особено помалите. Од процесот на имунизација ќе зависи во многу нормализацијата на животот, а со тоа и на економијата. Може(ше) ли подобро да се менаџира овој сегмент од кризата?
Љупчо Димовски: Минатата година во овој период имаше проблем со недостаток на заштитни маски, ракавици и заштитни средства кои се продаваа по неразумно високи цени. Недостасуваа посебните заштини одела за здравствените работници кои мораа сами да ги купуваат или да очекуваат донации од општествено одговорни фирми, следеше недостаток на респиратори и целиот театар со нивната набавка која воопшто и не се случи. Сега имаме проблем со набавката на вакцините. Тоа е недозволиво затоа што Владата има уставна обврска да се грижи за благосостојбата и здравјето на граѓаните.
Дали било кој од нас тоа го има почувствувано? Не.
Но затоа сме сведоци на нов обид на нов криминал со набавката на вакцините за што има сомневање. Ние како држава станавме предмет за потсмев во регионот и пошироко, како држава која е целосно неефикасна и нефункционална која зависи од милоста на своите соседи за да добие одредена минимална количина вакцини, која и таа без нивна помош не успева документарно да ја спроведе до крај. Навистина е загрижувачко и жално сознанието за тоа.
Владата не се ни обиде да воведе здравствена дипломатија преку која моравме да се поврземе со државите од регионот за да ја зајакнеме преговарачката позиција за заедничка набавка на поголема количина вакцини која ќе беше распределан посебно за секоја земја. Не успеавме да се наметнеме како сериозен партнер кај производителите на вакцини, а наместо грижа за здравјето на граѓаните Владата водеше грижа за нашите позиции во меѓународните организации кои и покрај сите ветувања не исполнија ниту едно, особено не во добивањето на вакцини.
И конечно деновиве доживеавме уште еден срам со нашето исклучување од распределбата на финансиски средства од солидарниот фонд на Европската комисија. Срамно е работењето на институциите со неисполнувањето на условите кои се потребни за учество во европскиот солидарен фонд. Единствено Македонија не доби ниту едно евро како земја кандидат. Наместо грижа за здравјето на граѓаните Владата потрошила само 7 милиони евра во здравствениот сектор што е недоволно во исполнување на условот од вложување на минимум 30 милиони евра.
Но што значи тоа? Тоа е потврда дека државата пет пати помалку помогнала, тоа значи дека воопшто не била заинтересирана да ги обезбеди потребните средства за задравствениот систем, за подигнување модуларните болници, за неопходните апарати, за средствата за заштита на лекарите и болничкиот персонал, за медикаменти… Целосно фијаско во функционирањето на системот и воопшто на државата.
ON: Ќе се вакцинирате?
Љупчко Димовски: Откако ќе дојдеме на власт и ќе обезбедиме вакцини за целото население, да.
ON: Каква стратегија и е потребна на земјата за надминување на оваа криза, која, уште еднаш на виделина ги исфрли сите поделби во земјата, наместо да биде спротивно? Што предлагате вие?
Љупчко Димовски: Како приоритет, справување со пандемијата и здравствената криза. Потоа, запирање на трендот на тонење на стопанството и запирање на колапсот на економијата. Но за да се остварат овие цели потребно е вклучување на сериозни, стручни луѓе, експерти и надпартиски лица кои се подготвени да ѝ помогнат на Македонија.
Времето ќе покаже дека тоа може да се оствари само со промена на актуалната власт и формирање на Влада на национален спас или експертска влада која ќе ги спроведе овие задачи. Секако, како трета обврска на таа влада би било подготвувањето на државата за организирање на вонредни парламентарни избори, паралелно со одржувањето на локалните избори на есен.
Доколку навистина сакаме да ја спасиме Македонија од целосното тонење мора одлучно да делуваме и да ги реализираме овие цели. Владата на национален спас треба да го го претставува кохезивниот фактор во државата за градење на потребната меѓусебна доверба и довербата во институциите. Нашето општество е длабоко подделено по неколку основи, а најсериозна е поделбата по социјална и партиско-политичка основа. Македонското национално ткиво секојдневно се кине. Дури потоа ќе следи и градењето на внатрешното единство за што се најповикани политичките партии.
ON: Ни претстои попис, кој ќе се одвива во специфичен амбиент, не само поради актуелната здравствена криза. Кој е ставот на СПМ по ова прашање?
Љупчо Димовски: Врв на цинизмот е завршувањето на воведениот двонеделен полициски час на 22 март. Само после 9 дена треба да започне процесот на попишување на населението. Нема никаква логика, неразумно е граѓаните да се изложуваат на толку висок ризик со посета на нивните домови од службени лица за кои нема да има гаранција дека се Ковид негативни. За нивно благовремено вакцинирање никој ниту помислива.
Затоа Социјалистичката партија на Македонија, како и сите останати партии од Коалицијата „Обнова на Македонија“ имаат заеднички став од кој е произлезен предлогот за одложување на пописот во текот на есента. Нешто слично на одлуката која се донесе во соседна Србија, но од порано и во повеќе значајни европски држави, Германија, Ирска и други.
Не е време за попис, преголем е ризикот за граѓаните. Или зошто и на граѓаните на Република Македонија не им се овозможи онлајн пристап и попишување на ист начин како и на дијаспората? На тој начин податоците многу лесно можат да се споредат со базите кои ги имаат државните институции.
Ќе напоменам дека зад нашиот предлог стојат и над 100 илјади граѓани кои ни дадоа поддршка во предлагањето на Закон со кој ќе се помести пописот, најмалку за 6 месеци.
Доколку власта не го почитува ставот на опозицијата, тогаш таа директно се конфронтира со мислењето на над 100 илјади граѓани со право на глас, што всушност претставува непочитување на нивната јавно искажана волја. Но кога е во прашање актуеланата власт за неа е карактеристично воопшто да не внимава на мислењето на граѓаните, а дека не води ни најмалку грижа за нивното здравје и безбедност тоа веќе безброј пати го покажа, еве сега и со пописот. Пописот е крајно исполитизиран.
ON: Во услови на Ковид криза Собранието работи падни стани, со чести прекини поради немање кворум предизвикани од позитивни случаи со коронавирус, но и блокади со илјадници амандмани и неочекувани седници, во кои пратениците од власта и опозицијата се надмудруваат на невообичаен начин. Не сметате дека е тоа по малку неодговорно однесување имајќи го предвид актуелниот момент? Зошто се случува тоа и како да се надмине оваа состојба?
Љупчо Димовски: Мнозинствотото во Собранието не покажува ниту елементарна почит кон пратениците од опозицијата. Да напоменам дека мнозинството е на стаклени нозе со само 62 мандати што само по себе го чини несигурно, но и му создава обврска да се координира и да ги сослушува и прифаќа ставовите на опозицијата. Тенко мнозинство се однесува како да располага со сто пратеници. Тоа не ниту демократски, ниту е етички. Не е познато од каде мнозинството ја црпи арогантноста и со која смелост врши насилтво во собраниското работење.
Затоа прашањето е кој го „блокира“ Собранието потребно е да се постави на вистинската адреса, а тоа не е опозицијата и тоа може да се види низ само неколку примери од кои може да се процени кој всушност навистина блокира собраниското работење.
Така тезата дека опозицијата го кочи работењето на Собранието не е точна. При донесување на Буџетот за 2021 година мнозинството немаше обезбедено кворум за непречено. Опозицијата беше таа која активно работеше во донесување на Буџетот. И тогаш мнозинството имаше внатрешни несогласувања или неусогласености кои директно влијаеа во собраниското работење.
Економските мерки за помош на компаниите се доставени до Собранието во форма на закони на 16.2.2021., според изјавата на вицепремиерот задолжен за економски прашања.
Собранието ќе може да ја отпочне постапката за носење на тие закони на Седницата која се закажа за 23.3.2021. зошто тогаш? Затоа што тогаш се ставени како точки на дневен ред од страна на парламентарното мнозинство. Ние немаме влијание во составувањето на дневниот ред. Од нас се очекува само да гласаме, да поддржуваме и да молчиме, но тоа можат да го очекуваат од послушниците на нивните партиски состаноци, но не и во Собранието каде што се изложени на жестока критики заради нивната неодговорност, неподготвеност, незнаење, криминално однесување.
Продолжувам со економските мерки, односно со таа динамика тие би се изгласале најрано на 1.4.2021. Зошто овие економски мерки стојат заглавени во собраниски лавиринти веќе еден месец и половина, а јавно се декларира дека истите се врвен приоритет одговор ќе треба да даде власта, затоа што редовно таа едно зборува, а сосема поинаку постапува.
Оттаму, дилемата е: дали СДСМ, ДУИ и БЕСА ги кочат законите кои треба да донесат помош за компаниите и што се сокрива со тоа, можеби нема финансиски средства? Иако економските мерки предложени од Владата се недоволни, сепак, и таа минимална помош е од значење за компаниите и за нивните вработени. Според опозицијата Собранието треба со забрзана димамика да ги донесе тие закони уште следната недела, но за тоа да се случи мнозинството треба да ги „одблокира”. Ова е само пример за лицемерието и лажните обвинување на власта и претставува вистинска слика за состојбите во Собранието на Република Македонија од која јавноста може сама да просуди кој всушност е вистинскиот „кочничар“, опозицијата секако не е.
И конечно, доколку власта неуспева, како што можеме да видиме, да одржува кворум во Собранието на Република Македонија, тоа не е вина на опозицијата и таа состојба се надминува со избори.
ON: Актуелен е предлогот на премиерот Заев за широка влада, кој дојде само неколку дена откако во Собранието Владата доби доверба. Подоцна можевме да чуеме објаснување дека тоа е личен предлог кој се однесува на актуелниот момент, но важи и за во иднина пред и после избори. Како гледате на овој предлог?
Љупчо Димовски: Ненадејното гласање во Собранието всушност беше гласање на самодоверба. Без оглед на 62 гласа очигледно е дека довербата кај мнозинството е нарушена. Оттаму следеше и наводната понуда за формирање на широка влада. Самата понуда е условена по персонална основа што ја чини за неискрена и манипулативна. Затоа и реакцијата на СПМ беше дека таа треба да се земе со голема резерва.
Нашиот став е непроменет, како што напоменав претходно на Македонија не и е потребно формирање на широка влада туку формирање на влада на национален спас или на експертска влада која во краток период треба да го запре секојдневното тонење и исчезнување на македонската држава, справување со пандемијата, стабилизирање на економските текови и поттикнување на стопанската динамика, градењето на взаемната доверба и подготвување на вонредните парламентарни избори по што ќе се формира легитимна, легална политичка влада која понатаму ќе ја превземе одговорноста за раководење на државата.
ON: Вие од неодамна сте претседател на СПМ. На оваа функција долги години беше Љубисав Иванов Ѕинго кој беше заштитен знак на партијата. Каков печат планира да остави Димовски во СПМ, како ја гледате паријата, дали и какви промени се случуваат, ќе има ли освежување на кадрите и политиките на СПМ?
Љупчо Димовски: Љубисав Иванов Ѕинго е ненадминлива политичка личност која остави длабоки траги во македонската политика. Вонреден стопанственик и спортски работник. Неговото раководење со Социјалистичката партија на Македонија придонесе да имаме цврсто организирана партиска инфраструктура, присутна со Општински организации скоро во сите градови во Република Македонија. Покрај двете таканаречени големи парти СПМ е партија со најразграната партиска инфраструктура.
Со особено внимание во највисокото партиско раководство спроведовме подмладување со истакнати, способни и стручни млади кадри, докажани во партиското делување, препознатливи и угледни во средините каде што живеат. Се внимаваше од сите изборни единици да има член во партиското Претседателство, што дополнително претставува мотив за поинтензивно работење на целото членство. Во завршна фаза сме во формирањето на партиските комисии и на Советот на партијата каде што членуваат истакната македонски социјалисти, угледни интелектуалци и академици, кои ќе ги продолжат активностите на СПМ, во услови на замрена слободна мисла, на тематските трибини и дискусии да се обработуваат теми и значајни личности од историското минато на македонскиот народ. Напоменувам дека Социјалистичката партија на Македонија е единствената политичка партија која има сопствено книгоиздателство за што сме особено горди. Имено, од секоја расправа СПМ печати книги и на тој начин им помага на научните работници и на историчарите да остават печатена трага од нивното размислување и професионално делување. Така ќе биде и во иднина со уште поголем интензитет затоа што како социјалисти имаме чувство за обврска и одговорност кон нашиот народ и на овој начин да ја крепиме неговата колективна меморија и да ги заштитиме нашите национални интереси.
Во делот на политиките, Социјалистичката партија на Македонија на конзистентни и принципиелни основи проддолжува со поставениот курс од страна на Љубисав Иванов Ѕинго уште од 2004 година, како стабилен и сериозен политички фактор и коалиционен партнер. Впрочем, со Конгресната Декларација делегатите на најнепосреден начин ја потврдија определбата за партиското делување во следниот период, како особено важен за Партијата, но и клучен за иднината на Република Македонија.
ON: Годинава ни претстојат Локални избори. Партиите и коалициите веќе почнаа да се подготвуваат, дотолку повеќе што се поголом е притисокот и за предвремени парламентарни избори. Во тек е дебата за промена на изборниот модел, државата да биде една изборна единица, да има отворени листи. Има ли политичка волја, посебно кај големите партии, за промени во оваа сфера? За каков изборен модел се залага СПМ?
Љупчо Димовски: Социјалистичката партија на Македонија од секогаш се раководи според пошироките државни и национални интереси, ние не робуваме на тесно партиските интереси.
Не сум целосно убеден дека и покрај декларативните заложби за промена на изборниот модел таканаречените големи партии навистина ја имаат волјата за измени. Затоа СПМ во овој момент смета дека е приоритетно исполнувањето на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, забелешките на ЕУ и на невладиниот сектор кои се во насока на подобрување на изборниот процес.
Клучна е забелешката околу начинот на финансирањето на изборните кампањи, колку точно средства може да се потрошат и на кој начин истите можат да се обезбедат. Претходно веќе имаше измена во Изборниот Законик во врска со ова прашање, меѓутоа оценето е дека измената дополнително ги усложни работите. Освен ова постојат и забелешки во врска со независноста на ДЗР и Антикорупциската Комисија, кои се сметаат за испостава на партиите кои се на власт.
Забелешка постои и во врска со стручноста и начинот на избор на членови на ДИК (како политички-партиски, а не стручен орган). Медиумското презентирање е исто така еден од елементите за кој се бара измена. Имено, медиумите по разни основи користат државни средства и оттаму неможат да бидат објективни и се несразмерни при известувањето. Сериозна забелешка има и околу нејаснотијата за што се користат средствата кои државата ги дава за аналитичко-истражувачките центри.
Постојат и неколку други, пред се технички прашања. Се погласни се барањата на одредени политички партии за измена на Изборниот Законик со воведување на пропорционален модел на една изборна единица. Ние сметаме дека тие предлози е потребно да подлежат на сериозна расправа и анализа од кои би можело да се дојде до конечно решение. Но сега ние реагираме и на можноста и понатаму да се злоупотребува гласачкото право. Затоа инсистираме на задолжителното користење на опрема за отчитување на отисоци од прсти со кои се потврдува идентитетот на гласачите, но и се утврдува веќе остварено гласачкото право. Иако тоа е законска обврска од институциите сè уште не е извршена набавката на фингерпринт терминалите, а одржувањето на избори без овие уреди е спротивно на Изборниот законик и претставува кривично дело. Доколку тоа е свесно и планирано законско кршење, тогаш станува збор за подготовка за грубо фалсификување на есенските локални избори, што е допирање на демократското дно од страна на власта и ќе има сериозни реперкусии врз Република Македонија. Сето тоа не само за нас е неприфатливо. Во тој случај сигурно е дека ќе се јават политички субјекти кои ќе ги оспорат изборните резултати.
Ние стоиме зад предлогот дека во овие услови е добро изборот на градоначалник да се изврши уште во првиот круг. Овој предлог го поддржуваме затоа што сметаме дека помеѓу првиот и вториот круг партиите од власта врз бирачите ќе го активираат познатиот механизам на корупција, притисоци, закани и подмитувања за добивање изборен резултат спротивен на изборната желба, одлука и глас.
Затоа Социјалистичката партија на Македонија се раководи од пошироките интереси. За нас во овој момент е исклучително важно задржување на единството во нашиот политички блок и негово проширување секако, организирањето на предвремени парламентарни избори и формирање на нова политичка влада која ќе ја превземе одговорноста да раководи и да се справи со сериозните проблеми со кои се соочува Република Македонија.
ON: Како ќе настапи СПМ на претстојните локални избори, коалициски или можеби ќе одите сами? Дали размислувате за ваш кандидат за градоначалник во Охрид или листа на советници?
Љупчо Димовски: Социјалистичката партија на Македонија во еден период во деведесеттите години од минатиот век имаше и свој градоначалник на Охрид, истакнат охридски стопанственик. Што се однесува на наредните Локални избори СПМ ќе настапи во склоп на Коалицијата „Обнова на Македонија“ со свои кандидати за советници на коалиционата советничка листа, за што ќе следи договор со коалиционите партнери.
ON: Охрид е единственото светско културно и природно наследство заштитено од УНЕСКО, кое сега е доведено во опасност да биде ставено на листата на загрозени подрачја. Работите не се влошија преку ноќ, три децении континуирано се уништуваат универзалните вредности на Охридскиот регион пред очите на немоќните институции. Во тој контекст ниту еден политички субјект не може и не треба да се амнестира од одговорност. Како стигнавме до тука и како да го заштитиме Охридскиот регион од разните профитери кои имаат силно влијание, вклучително и врз политиката и властите?
Љупчо Димовски: Никој не смее да биде изоставен од одговорноста за она што се случува со Охрид. Охрид не се само светско културно и природно наследство, Охрид е духовниот центар на македонскиот народ, што е особено важно, и затоа за него е потребна грижа од сите. Но, јас сакам да се осврнам на прилично неодговорниот однос на државните институции, особено во последниве четири години. Охрид како светско културно и природно наследство заштитено од УНЕСКО е доведено во опасност да биде ставено на листата на загрозени подрачја што сите нас треба да не алармира, затоа што тоа е всушнност потврда дека ние не умееме, не сме заинтересирани или едноставно не сакаме да го сочуваме.
Ќе постсетам на изготвувањето на Стратегијата за заштита на Охрид од пред некоја година и работењето на матичната собраниска Комисија за култура која беше раководена од сегашниата министерка за култура. И тогаш во Собранието, кога беше сокриен документот, и денес во министерството го имаме истиот однос кон проблемот. Доколку проблемот го ставиме „под тепих“ тоа не значи дека сме го решиле или дека не постои. Напротив, тој ќе се појави со уште поголема тежина од претходно. Затоа зачудува индолентниот однос на институциите, особено на ресорното министерство, и изјавите дадени со неверојатна леснотија и отсуство на грижа за проблемот од лице кое е најповикано да реагира.
Особено е иритирачки односот и на локалната самоуправа која воопшто или многу малку го има реализирано Акцискиот план за решавање на проблемот со дивоградбите и исполнување на другите задолженија. И целосно и бескомпромисно расчистување со урбаната мафија, особено во заштитениот појас.
Без оглед на се, сметам дека е потребно по секоја цена да се постапи според планот, без импровизации и со конкретни чекори да се извршуваат задолженијата. За тоа е потребно и вклучување на сите кои можат на било кој начин да дадат придонес. Не станува збор во задржување на статусот на Охрид туку во сочувување на националната вредност и историското минато за кои по природа на нештата моментално сме тие кои треба да се грижат. Доколку не се почувствува одговорноста за тоа бесполезни ќе бидат уште стотина планови кои ќе останат само на хартија.
ON: Добро ги познавате состојбите околу Охридското Езеро, како поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство ја следевте сотојбата со рибниот фонд која е алармантна. Ендемските видови белвица и пастрмка се на раб на исчезнување. Како генерација која живее сега и тука имаме одговорност за тоа. Зошто не гледаме силна волја кај институциите и пред се политичките чинители за соодветна заштита на Охридското Езеро кое буквално се уништува, а рибниот фонд исчезнува пред нашите очи?
Љупчо Димовски: Секогаш сум посветувал особено внимание во заштита на Охридското Езеро. И сега ја имам загрженоста на овој драгоцен природен ресурс. Јас пошироко го гледам проблемот затоа што сметам дека Охридското Езеро е под сериозна закана. За Охридското Езеро мораме да му ја заштитиме водата, а паралелно и рибниот фонд.
Прво мора да се ревидира или да се потпише нов договор со соседна Албанија за нивото на езерската вода. Меѓудржавниот договор е потпишан во минатиот век помеѓу бившата сојузна држава и Република Албанија. Во меѓувреме, како последица од климатските промени, но и заради неодговорниот однос на компанијата која стопанисува со водите од Охридското Езеро за производство на електрична енергија, во голема мера се изменети условите на самото езеро. Мислам дека во следните десетина години, како последица на состојбата со Преспанското Езеро кое исчезнува пред нашите очи, дополнително ќе се влоши и состојбата со Охридското Езеро. Хидролошките прилики со изразено долготрајни сушни периоди без врнежи не даваат гаранција за континуирано полнење на езерото. Доколку минималната кота на езерото и понатаму се задржи на истото ниво тогаш навистина ќе се судриме со сериозни проблеми. Затоа во ревидирањето или уште подобро во потпишувањето на нов договор со албанската страна минималната кота мора да биде поместена за десет сантиметри погоре со што би се обезбедила сигурност во задржување на езерската вода. Тоа значи и рационално испуштање на водата во Дрим, што ќе значи и редуцирање на желбата за остварување на профит преку производство на електрична енергија, а на штета на вкупните количини езерска вода, но и на штета на биодиверзитетот во езерото.
Што се однесува за исчезнувањето на ендемските видови белвица и пастрмка јас најголемата доверба, очекувања и надеж ги имам во стручноста и компетеноста на Хидробиолошкиот институт како високо образовна и научно-истражувачка институција. Своевремено воспоставивме соработка со Институтот за порибување на езерото со неколку милиони младици годишно. Затоа претходеше и соодветно опремување на Инстутот со високо софистицирана теренска и лабораториска опрема за потребите на истражување и Програмата за мониторинг на Охридското Езеро.
Понатаму, потребно е да се донесе одлука за видот на концесијата со рибниот фонд на езерото, дали воопшто во следниот среднорочен период да ја има, дали таа да се однесува само за рекреативниот риболов или и за стопански риболов, дали концесионер да биде само едно лице или две, но пред се е потребно Хидробиолошкиот институт да изработи Риболовна основа за Охридското Езеро. Големо значење во сочувувањето на риболовниот фонд има и ефикасната контрола од страна на рибочуварската служба во Државниот инспекторат за земјоделство, без оглед на обврската на евентуалниот концесионер, но и соработката со езерската полиција.
Но според мене најдобриот чувар на езерото и рибниот фонд се самите охриѓани кои најмногу се грижат за состојбата. Исто така, од особено значење е навистина да се почитува потпишаната Спогодба помеѓу Македонија и Албанија за заедничко одржливо управување со риболовот на Охридското и Преспанското Езеро и ефикасно работење на билатералното тело, односно Заедничкиот Комитет за риболов на Охридското и Преспанското Езеро, за кое немам информации дали започнало со активности. Доколку се остане на хартија и без спроведување на конкретни активности од двете страни, тогаш езерото и рибниот фонд се навистина сериозно загрозени.
Затоа сметам дека одлуката за мораториум на изловот на пастрмка и белвица во овој момент е најсоодветното среднорочно решение. Меѓутоа мора што повеќе да се зголеми интензитетот на порибување на езеротото. За тоа надлежните државни институции не смеат ниту во еден момент да размислуваат за висината на финансиските средства кои се потребни. Во буџетот мора да се предвидат средства и за оваа цела која е од исклучителна важност. Мора да се направи соодветна, најмалку десет годишна, Програма за порибување на езерото со предвиден број младици кој е птребно да биде најмалку дуплиран од сегашниот.
И секако грижа и чување на езерото и рибниот фонд од самите охриѓани која е примарна.
Горан Момироски