Од возобнувањето на Охридскиот пливачки маратон во 1992 година беше дел од 17 маратони. Миленик е на публиката во Охрид, а во последното негово учество Томи Стефаноски успеа да победи и да си обезбеди „златно“ место во историјата на Охридскиот оливачки маратон. Во разговор за OhridNews, тој зборува за победата минатата година, страста кон охридскиот маратон и како првото учество на маратонот во Охрид му го сменил комплетно животот.
– На почетокот од сезоната секогаш имав еден маратон на кој се фокусирав најмногу и максимално се подготвував за него. Скоро секогаш тој маратон беше во Охрид, бидејќи пливав пред мојата фамилија и пред фановите кои несебично ме поддржуваа. Трката и темпото на неа мене ми одеа во прилог, односно можев да го пратам. Кога стигнавме километар до целта осетив дека можам, стегнав заби и мижејќи пливав додека не ја видов целта. Си реков во мене „Томи мораш и можиш, бидејќи ова ти се последните завеслаи на маратонот во Охрид“. Ќе ми останеше мала „дупка“ во мојата кариера на Охридскиот пливачки маратон ако не успеев да победам. Вака, јас со 45 години станав најстар победник во Гран при серијата и тоа со триумф во Охрид, што ми преставува уште поголемо задоволство. – изјави на почетокот од разговорот, Стефаноски.
Тој додаде дека нема посебен рецепт за победа во Охрид, туку главна улога играат здравјето и физичката подготвеност и пливањето со глава и срце. – Рецептот за победа во Охрид и воопшто на секој маратон е јасен и нема многу тајни. Се лежи во здравјте и физичката подготвеност. Прво мора да те служи здравјето пред и во текот на трката, бидејќи мали стомачни проблеми можат да те дефокусираат и да ти одземат многу од физикусот. После тоа мора да да се плива со групата и да се прати темпото без форсирање за поминување и слично, затоа што потрошената енергија на десеттиот или петнасеттиот километар ќе излезе на виделина во финишот. Минатата година констатно пливав со групата и немав воопшто здраствени проблеми, а физички бев доста добро подготвен. Некои од маратонците се исфорсираа претходно и снемаа сила во финишот, додека ние 4-5 души испливавме стварно неизвесна и добра трка.
Притисокот во Охрид може да биде соиграч или противник на домашните пливачи. Во повеќе случаи тој бил соиграч и мотивирачки делувал во клучните и исцрпувачки мигови.
– Во Охрид кога пливаме ние имаме уште три килограми плус поради притисокот. Никој не ни го создава притисокот, туку фактот дека пливаме пред своите најблиски и симпатизери ни дава обврска плус, но морам да кажам и мотив. Искуството ќе те научи да пливаш и со притисокот на своите плеќи, но повторно ќе кажам штом си здрав и физички подготвен, притисокот само ќе те поттикне и ќе биде добре дојден. – истакна Стефаноски.
Во 1992 година како член на ватерполо клуб Стефаноски допатувал во Охрид да учествува на маратонот. Токму тој настап му го променал животот на сопругот и родител на две ќерки. – Првото мое учество на маратонот вечно ќе го паметам, бидејќи ми го смени животот. Предизвикот во далечната 1992 година беше да се исплива маратонот, затоа што јас тогаш тренирав ватерпол и немав допирна точка со маратонското пливање. Одговорив на предизвикот, успешно го минав маратонот и тоа беше пресврт да го оставам ватерполо и да почнам да се натпреварувам во маратонското пливање. Како што одминуваше времето така и апетитите растеа и грабев напред секоја година.
Момент кој го издвојува е маратонот во 2001 година кога рамо до рамо заврши со големите пливачки ѕвезди кои имаа повеќе од успешно учество на Светското првенство. – Секогаш се навраќам на тој маратонот кога во Охрид буквално учествуваа најдобрите десет пливачи, а јас завршив трет позади Петар Стојчев кој победи и второпласираниот Стефан Л`екар. Тој пласман на пиедастелот ми е рамен на победата која ја забележав минатата година. – раскажува победникот на Гран при серијата минатата година.
Стефаноски во Охрид ќе дебитира и како тренер, а ќе го предводи Александар Илиевски, кој е еден од тројцата македонски преставници. Покрај него пријавени се Евгениј Поп-Ацев и Александар Панчевски.
– Во маратонското пливање како натпреварувач и тренер сум веќе една деценија. Не ми е нешто невообичаено, но сепак сега сум надвор од базенот и водата. Кога си тренер мора да бидеш по смирен и фокусиран на твојот пулен во случајот Александар Илиевски. Не смееш да предизвикаш немир или еуфорија, туку треба да го насочиш натпреварувачот како што да прави на маратонот. Александар е подготвен, здраствениот билтен му е добар и ги има сите предуслови да исплива добра трка. Ниту јас, ниту било кој не може да предвиди кое место ќе заврши, затоа треба да даде максимум и се од себе и што е негово ќе си дојде. – заврши Стефаноски.
31-то издание на Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи в сабота со почеток во 12 часот на патеката „Климе Савин“ долга 30 километри од Св. Наум до Охрид.
Михаил Постоловски