Независниот кандидат за градоначалник Стевчо Стевовски е роден во 1967 година во охридското село Елшани, каде и сега живее со своето семејство.
Дипломиран криминалист, завршил на Факултетот за безбедност во Скопје, на отсекот Борба против организиран криминал. Над 25 години работи во Секторот за внатрешни работи Охрид. Оженет, татко на две деца. Стевовски во разговор за OhridNews открива кој е неговиот основен мотив што се вклучил во трката за градоначалничката функција, кои се промените што според него треба да му се случат на Охрид, како го минува слободното време и дали се соочува со притисоци поради отворено искажаните ставови.

 

ON: Кој беше главниот мотив поради кој се одлучивте да влезете во трката за градоначалничката функција?

Стевчо Стевовски: Мотив беше мојата желба Охрид да го видам во едно подобро светло, убав, безбеден, чист, со добра туристичка сезона, насмеан и весел и со сите атрибути кои треба да ги има еден поголем туристички центар. Од таа причина, а согласно своите досегашни искуства во работењето, согледав дека имам капацитет, храброст, желба и интелектуални способности да се справам со предизвиците во општина Охрид.

ON: Каква е вашата визија за Охрид, кои ќе бидат првите проекти од предизборната програма на чија реализација ќе инсистирате доколку ја добиете довербата од граѓаните?

Стевчо Стевовски: Визијата ми е од досегашното незаконско работење кое е основен проблем за развој на Охрид, да создадам општина која ќе биде заснована на почитување на законските прописи и уставот. Сите граѓани на Охрид да се чувствуваат безбедни, нахранети, да имаат работно место и да се среќни и весели. Исто така, планирам за развојот на туризмот, сите туристи кои доаѓаат да се чувствуваат како во своите домови.

ON: Ја начнавте темата туризам. Според Вас треба да се развива масовен, елитен туризам или?

Стевчо Стевовски: Треба да бидеме свесни дека масовниот туризам е единственото решение за развивање на Охрид. Елитниот туризам е туризам кој може да се развива само во приморските градови. А, Охрид е на 600 метри надморска височина и во никој случај не може да ги овозможи тие поволности. За таа цел Охрид треба да направи своја стратегија според која ќе се развиваат повеќе видови на туризам, како што е летниот кој трае два месеци, верскиот, конгресниот, медицинскиот, забниот, планинарскиот, селскиот туризам, со цел што повеќе туристи да доаѓаат во Охрид.

ON: Каква локална самоуправа може да очекуваат граѓаните доколку победите на претстојните избори?

Стевчо Стевовски: Локалната самоуправа првенствено мора да изврши „проветрување“ од досегашното криминогено однесување на поединци и создавање на криминален долг од 50 милиони евра. Како градоначалник ќе поведам иницијатива за ревизија со вклучување на другите државни органи, за општина Охрид да ја дознае вистината за тоа што се случувало во последните 28 години. Извршените кривични дела во општина Охрид, од страна на поединци и други лица вмешни во тој криминал, ќе мора да одговараат пред лицето на првадата, а добиените парични средства општина Охрид ќе бара да ги повратат назад во општинската каса. Сакам да напоменам дека имам лични сознанија дека за одредени проекти кои се однесуваат на колекторскиот систем, има основи на сомневање дека за истите е сторено тешко кривично дело, односно и е сторена голема материјална штета на општината.

ON: Како планирате да се справите со долговите на општината?

Стевчо Стевовски: Им ветив на граѓаните дека прво како градоначалник ќе се зафатам за расветлување на причините и последиците од настанувањето на долгот. Од самиот почеток на создавање на нова независна држава, односно РМ во 90-те години до денес, ќе мора да се види движењето како на парите така и на капиталните објекти. Извршениот криминал не може никој да го сокрие, бидејќи истиот е настанат врз основа на фактури и друг пишан материјал, докази кои не можат да се оспорат пред ниту една судска инстанца.

ON: Колекторскиот систем е сериозен проблем, еколошка бомба која Охрид може многу да го чини. Кои се вашите планови за колекторскиот систем и заштитата на Охридското Езеро?

Стевчо Стевовски: Основна причина за финансиските долгови е колекторскиот систем. Земањето на обврската што ја имаше владата на РМ за одржување и финансирање на колекторскиот систем, поради лични и партиски цели, како обврска на општина Охрид, односно создавање на ново јавно претпријатие-Нискоградба за одржувањ, ги создаде најголемите проблеми. Колекторскиот систем треба да се врати онаму од каде што и потекнува и идејата и финансирањето, тоа е валадата на РМ која има обврска за 60% од одржувањето, а 20% се на општина Струга и 20% на општина Охрид. Кој и зошто целата обврска од 100% финансирање и одржување ја префрлил на општина Охрид?

ON: Вашите планови во областа на културата и спортот.

Стевчо Стевовски: Јас како градоначалник ќе се залагам за продолжување на традицијата за осовременување и одржување на Пливачкиот маратон, Охридско Лето, Балкански фестивал, така и на сите други културни и спортски манифестации во Охрид. Како градоначалник ќе се спротиставам на манифестации кои ќе предизвикуваат неред, вознемиреност по верска и национална основа, а би се одржувале во градот. Ние имаме ситуација во која само поради лично богатење на поединци, се организираат одредени концерти кои претставуваат поттик за ширење зависности кај младите. Охрид тоа не го заслужува.

ON: Како гледате на соживотот во Охрид?

Стевчо Стевовски: Сметам дека во Охрид немаме некои поголеми проблеми на етничка основа. Сметам дека соработката меѓу Македонците и останатите етникуми треба да продолжи и понатаму. Нивното учество во власта во општината и во јавните претпријатија треба да биде запазена, да се внимава на нивното ангажирање во раководењето на Охрид, да се почитуваат нивните обичаи и вери.

ON: Настапувате во свој стил, мошне храбро и отворено, не се плашите да ги кажете проблемите, но и да посочите на одредени неправилности и криминали кои, според Вас, се случувале. Имате ли притисоци, стравувате ли поради ваквото ваше обраќање?

Стевчо Стевовски: Сите овие години се борам против криминалот во општина Охрид и криминалот што се случува во Секторот за внатрешни работи. На повеќе пати, беше нормално да стравувам за својот живот, бидејќи покренав кривични постапки против високи функциониери во МВР, но ете со божја помош јас денеска сум тука. Ќе продолжам и понатаму.

ON: Кој е Стевчо Стевовски во приватниот живот, како го минувате слободното време?

Стевчо Стевовски: Стевчо нема приватен живот, има само работа, работа и работа. Покрај извршувањето на професионалните обврски, остатокот од времето го користам за одгледување животни, имам мала домашна фарма, исто така имам и обработлива земја на која одгледуваме производи за да го подобриме живеењето и да јадеме здрава храна.

ON: Порака до гласачите…

Стевчо Стевовски: И покрај тоа што сум нов на политичката сцена во Охрид сметам дека гласачите треба да размислат дали на општината и требаат прмени, да се движи и се одблокираат сите процеси. Да ме поддржат да бидам градоначалник, а јас со својата чесност, искреност и храброст ќе овозможам услови за сите и кои не се членови на политички партии, да бидат ангажирани во законитото функционирање на општината.

Т.К./Г.М.