На 15 и 16 овој месец градот Охрид ќе биде домаќин на Балканскиот куп во Триатлон. Регионалното натпреварување мотивира(ше) многу луѓе ширум земјата и светот кои имаат поврзаност со Охрид. Еден од нив е Стефан Лукановски кој специјално за учество на Триатлонот ќе допатува од холандскиот град Ајндховен.

Лукановски и во 53-та година од животот активно спортува, а љубител на сите спортски настани кои се одржуваат во Охрид. – Веќе 5 години активно играм ватерполо во Холандија и паралелно имам завршено повеќе од 15-тина полумаратони и други далечински трки во различни земји. Голем мерак ми беше истото тоа да го направам во Охрид. Така зедов учество на Охрид трчаТ минатион Јуни. Уживав шо трчав по улиците што ги имам трчано ко дете, со тркачи и публика кои ги познавам.  Многу убаво искуство. Тогаш разбрав дека во септември ќе се одржи Триатлон во Охрид. Бидејќи јас веќе сум активен во ватерполо пливање и трчање, не видов причина да не се пријавам на овај „Спринт Триатлон“. – изјави Лукановски.

Годините не играат никаква улога во Триатлонот кој е составен од пливање, возење велосипед и трчање, туку желбата и редовниот тренинг на трите дисциплини посебно.

– Во поголемиот дел од годината, додека трае ватерполо сезоната и додека се подготвувам за некоја трка, тренирам 6 пати неделно. Четири пати во базен и два пати трчање. Сега кога го воведов и триатлонот како дисциплина, додадов и тренинг со велосипед, а намалив едно пливање. Јас сум почетник во овој спорт. Како секој спорт така и триатлонот си има свои посебни барања. Во овој момент ми е важно да ги ротирам спортовите. Ако вчера пливав, денеска ќе трчам или возам велосипед. Никако два последователни тренинзи со исти спорт. Важно е на секој тренинг да се има цел, што ќе се тренира и усовршува. Дали ќе се вежба техника на дишење, техника на трчање или кондиција си прам план од напред и се трудам планот да го остварам. На интернет има тони материјал со совети и помош за било кој спорт.  Подготовките за натпревар се исти како подготовките за испит. Никогаш не си 100% подготвен. Стално има место за напредок. Пред 10 дена го завршив мојот прв триатлон во Ајндховен. Идентификував неколку елементи што би можел да ги усовршам за овај краток период. Цел ми е да не ги повторам истите грешки во Охрид. И нормално, сето ова претходно кажано не би се остварило да немам поддршка од компанијата кај шо работам и од мојата фамилија, од двата сина кои тренираат ватерполо и пливање, па добивам совети поврзани со водениот дел од триатлонот. Но сепак најголемата подршка ја имам од сопругата, која ми отвара простор за секојдневно тренирање, го прати прогресот на тренинзи и се грижи за правилна исхрана низразличните фази на тренинг и натпревар. – истакна Лукановски.

Балканскиот шампионат треба да биде почеток на една Триатлон традиција во Охрид. Триатлон федерацијата на Македонија (ТФМ) како организиратор и Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – сите за Спорт“ која е техничка поддршка имаат вистински предизвик пред нив.

– За Охрид и околината многу работи се кажани. Не е ништо ново ако кажам, Охрид имат природни предуслови за многу спортови кои се модерни помеѓу аматерите. Од друга страна, самиот факт што Охрид е и туристички град, велит дека поголемиот дел од потребната инфраструктура за прием на посетители е присутна. Но предусловите не се пресудни. Пример: Во Холандија водите во каналите и во Северно Море не се така бистри и топли како во Македонија, но тоа не им смета да организираат натпревари во пливање на отворени води и да имаат олимписки победници во таа дисциплина. За да бидит Охрид успешен организатор му требаат охриѓани. Во секој аспект и од секој профил. Охриѓани што ќе се натпреваруваа и навиваат. Охриѓани што ќе организирaaт и менаџираат и што ќе волонтирет. Охриѓани требит да разберат што бараат спортистите и то да им го пружат. Ништо појке, ништо помалце. Нормално со подршка од државата, Република Македонија. Секако тука сме и ние во дијаспората да го поддржиме и промовираме то што би се случвело во Охрид. Погледнете го само примерот на Крушево, кое се промовира себеси во светска мека за параглајдери. Тоа што го дал Господ било таму и пред Илинден, само сега се најдоја луѓе шо прикаската ја напишаа и реализираа. – надополни Лукановски.

Лукановски на Триатлонот во Охрид очекува убаво дружење и забава, а посакува да го подобри својот резултат од претходното учество во Ајндховен.

Тој има порака до охриѓан поддржана со една случка: За крај една порака до моите охриѓани, поддржана со уште една случка. Кога го подигнав стартниот пакет за триатлон во Ајндховен, позади мене истото го направија две девојки со азијатско потекло. Двете го бомбардираа со прашања дечкото што ги делеше стартните пакети, па решив да му помогнам. Кога почнав да им објаснувам како да го прицврстет чипот за мерење време и каде да ги залепет стартните броеви, сватив дека двете немаат искуство со било каква трка на суво. Ги видов завреме на натпреварот, на лицата им се читаше дека не им е лесно. Ама го завршија триатлонот, двете. Затоа моја порака е: Учествувајте на триатлонот, сигурно на крај ќе сте горди самите на себе. Само да имат повеќе вакви настани, ќе се гледаме почесто во Охрид.

OhridNews