Ракометната школа „Седмерец“ деновиве одбележа 10 години постоење. Овој амбициозен спортски колектив изминатата деценија „произведе“ голем број млади спортисти и им всади љубов кон најуспешниот колективен спорт во земјава. Зад школата се бројни учества на турнири и натпревари со завидни успеси. Плановите се РШ „Седмерец“ да расте и да продолжи по патот на успехот. За јубилејот и спортските планови на „Седмерец“ разговараме со Катерина Стојаноска – професор по физичко и здравствено образование и магистер по кинезиологија при факултетот за физичко образование спорт и здравје во Скопје, вљубеник во спортот особено во ракометот, која заедно со помошник тренерот Александар Стојаноски успешно ја водат познатата ракоетна школа во Охрид.

OhridNews: Колку време постои ракометната школа “Седмерец” и кои успеси ги има постигнато?

К. Стојаноска: На почеток сакам да ви се заблагодарам на поканата за разговорот и да ви посакам и понатаму успех во работата како портал кој секогаш е во тек, и не информира за спортските настани кои се случуваат кај нас и пошироко.

Инаку, веќе 10 години се занимавам со тренерска работа, како тренер во ракометната школа “Седмерец” од Охрид која што во изминатиов период од 4 години беше дел од семејството на ракометни школи на РК “Вардар” од Скопје и успешно ја заврши таа убава приказна, освојувајќи прво место на турнирот “Еден живот- една љубов” во јануари 2019 година, за генерација 2008/2009 машки на кој турнир исто така имавме најдобар голман, најдобар лев бек и пикер. Освоивме и второ место во “Вардар јуниор лигата” во сезона 2018/2019 година за генерација 2008/2009 машки. Исто така во организација на ракометната академија на “Вардар” во октомври 2019 година беше организиран турнирот “Еден живот- една љубов” во конкуренција на сите ракометни школи под капата на “Вардар” од целата држава, на кој ние го освоивме третото место во генерација 2008/2009 машки. Овој тип на организација на ракометните школи под раководство на “Вардар”, беше одлично искуство за нас. Покажавме одлични резултати, но за жал со промената на раководството во “Вардар” овој проект, поточно ракометните школи завршија со работа.

Ракометната школа “Седмерец” е организатор и на ракометен турнир – “5-ка за ракомет” во генерација 2008 и помлади, кој што се одржа на 25 мај 2019 година во Охрид. На овој турнир машката екипа го освои првото место, додека женската екипа освои второ место. Турнирот беше направен и осмислен со тенденција да стане традиционален, но изминативе 2 години беше прекинат поради непредвидената ситуација со корона вирусот која го зафати целиот свет. За наша среќа годинава повторно се потрудивме со максимални напори и успеавме да го организираме и реализираме повторно ракометниот турнир “5-ка за ракомет” кој беше под покровителство на општина Охрид за што ја користам оваа прилика да се заблагодрам на локалната самопуправа, и секоторот за спорт во нашата општина. На овој турнир зедоа учество 4 екипи од Скопје, Струга, Ресен и секако ние како домаќини во генерација 2009 година, а го освоивме првото место. Нашата ркометна школа има учествувано на многу пријателски натпревари, мини турнир во Гостивар од кој се вратиме со освоено прво место. Посебно ми е чест да истакнам дека сме биле организатори на неколку хуманитарни акции и успешно сме ги завршиле. Од самото формирање на ракометната школа до денес ги поддржуваме сите спортско-хуманитарни настани како што е настанот “За посреќно детство” организиран од Црвен крст-Охрид, како и со пригодни спортски активности го одбележуваме месецот на ретките болести.

OhridNews: Каде се одржуваат тренинзите и со кои возрасти на деца работите?

К. Стојаноска: Тренизните се оджуваат во спортската сала “Тодор Александров” во Велгошти. Работиме со деца-основци од прво до деветто одделение. Селектирани се во две групи и тоа едната група е за помали дечиња од прво до петто одделение почетници во ракометот, а другата група е од шесто до деветто одделение со понапредни ракометари. Во блиска иднина имаме и други планови за проширување на нашата школа, но засега не откривам, нека биде изненадување.

OhridNews: Дали во тренажниот процес имате вклучено нови методи на работа и дали уште од најмала возраст им обрнувате внимание на спортската подготвеност?

К. Стојаноска:  На децата им ги објаснуваме сите елементи од ракометот со методи кои се најинтересни за нив со цел најлесно да научат. Секако со помошникот тренер Александар  ги следиме и најновите методи кои се користат во модерниот ракомет и се разбира ги применуваме во нашата работа. За еден тренинг да биде успешен, секако се потребни и спортски реквизити. Школата за ракомет “СЕДМЕРЕЦ” има обезбедено најсовремени спортски реквизити и топка за секое дете. Во нашата ракометна школа големо внимание на  обрнуваме и на спортска подготвеност на децата уште од најмала возраст. Оваа година исто како и изминатите, на ракометарите им беа направени тестирања кои се показател за нивната физичка подготвеност. Изучените елементи од ракометот заедно со физичката подготвеност се клучни за да добиеме слика како би изгледал еден спремен ракометар. Сметаме дека мотив за децата е и доѓањето на неколку репрезентативци на Македонија кои со задоволство на нашите членовии им ги пренесуваа тајните на ракометот.

OhridNews: Дали организирате пријателски натпревари или некој вид на турнири?

К. Стојаноска:  По одреден период на тренирање, веднаш почнавме со организирање на пријателски натпревари, имавме доста гостувања во други градови, исто така бевме и домаќини во нашиот град. Само така децата уште повеќе се мотивираат да тренираат, го јакнат својот натпреварувачки дух, во исто време стекнуваат нови другарства, се социјализираат, учат нови средини. Како што истакнав погоре, нашата ракометна школа два пати беше организатор на ракометениот турнир “5-ка за ракомет” кој се одржа во спортската сала “Атина Бојаџи” при СРЦ“ Билјанини извори ” во Охрид. Во иднина со стекнувањето на поголемо искуство ќе се стремиме да ја продожиме традицијата со овој турнир. Морам да истакнам дека оваа 2022 година во летниот период, дел од членовите на ракометната школа “Седмерец” беа учесници на спортски летен камп кој се одржа во Грција. Исто така имаме планови да учествуваме на ракометни кампови со познати европски клубови, а зошто да не и ние да организираме еден таков камп во Охрид.

OhridNews: Колку деца имате вклучено во тренажниот процес и дали сте вклучени во некое натпреварување?

К. Стојаноска: Во тренажниот процес имаме вклучено 70 деца кои се селектирани во групи. Оваа година неколку ракометари од нашата школа “Седмерец” кои покажаа одлични резултати, се дел од пионерските екипи на ГРК Охрид на РК Лихнид, и за прв пат се вклучени во натпреварувачки процес, па се надевам на добри резултати. Исто така на наше големо изненадување и задоволство, добивме повик од РК “Вардар 1961” на кој на позајмица ни беа повикани 6 ракометари исто во пионерска категорија.

OhridNews: Кои се Вашите идни планови и каква порака ќе им испратите на нашите читатели?

К. Стојаноска:  Нашите идни планови се да привлечеме што поголем број деца кои што ќе се занимаваат со спорт, а кај нас на забавен и модерен начин ќе ја учат и совладуваат ракометната азбука. Оваа година успешно прославивме јубилејни 10 години од нашето постоење, а на децата им приредивме одлична забава во спортското кафуле “Офсајд. Нашата ракометна школа, ги поканува сите заинтересирани деца за тренирање ракомет да се пријават и да ни се придружат заедно да ја креираме нашата спортска приказна, во која што заедно ќе градиме здрави навики. Испраќам повик и до сите родители кои како први учители на нивните деца, мора се повеќе да ги насочуваат нивните деца кон спортот, и да внимаваат на кого ги доверуваат своите деца, секако тоа да биде на професионалци, педагози во областа на спортот кои знаат и умеат да се постават кон нивното дете и да делуваат не само образовно туку и воспитно.

Продолжуваме со ова темпо како што започнавме, да ги насочиме децата во една вистинска насока во која покрај ракометот тие ќе научат што е спортска култура и како да ја применуваат понатаму во животот. Се надеваме дека ова наше залагање ќе резултира со позитивен фит бек, за што ќе сме среќни и мотивирани за уште посилно темпо на работа.

OhridNews