Проф. д-р Јован Стојаноски е роден во Охрид, на 07.08.1970 година. Дипломира на Економскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методи“ во Скопје. Во 1999 станува Магистер по Маркетинг, а во 2003 година Доктор по Меѓународен туризам и Маркетинг менаџмент. Стојаноски е долгогодишен професор на факултетот за туризам и угостителство во Охрид и член на СДСМ. Беше носител на советничката листа на последните локални избори во 2013-та година, по што беше и координатор на советничката група на СДСМ во општинскиот совет. Среќно оженет и татко на две деца. На Локалните избори 2017 тој е кандидат за градоначалник на Охрид на коалицијата предводена од СДСМ. Мотив да влезе во градоначалничката трка вели дека му е желбата да придонесе Охрид да биде град со посветла иднина за сите. Доколку ја добие довербата на охриѓани приоритет ќе му биде изработка на сеопфатна Стратегијата за развој на градот, најавува одговорно и домаќинско работење на локалната самоуправа, развоен план за туризмот, санација на колекторскиот систем… Во разговор за OhridNews Јован Стојаноски ги открива планови во областа на спортот и културата и отворено зборува за приватниот живот.
Проф. д-р Јован Стојаноски – кандидат за градоначалник на Охрид на СДСМ
ON: Што пресуди да донесете одлука да се кандидирате за градоначалник на Охрид, какви беа реакциите на семејството кога им го соопштивте тоа?
Стојаноски: Јас го сакам мојот Охрид, ми се пружила можност да го напуштам но не сум заминал, сакам да живеам тука, но имам желба и моите две деца да имаат иста цел. Тие студираат во странство, но сакам да се вратат и да го градат својот дом тука, во својот Охрид, покрај своите најблиски и покрај своите пријатели. Но за тоа мора да се подобрат целокупните услови за живеење и егзистенција. Сакам да придонесам на тоа поле, сакам Охрид да биде град со посветла иднина за сите нас. Што се однесува до поддршката од моето семејство можам да кажам дека за сите значајни чекори во мојот живот, таа секогаш ми била најважна. Така беше и во случајот со мојата кандидатура за Градоначалник на Охрид.
ON: Каква е вашата визија за Охрид, што од вашата предизборна програма ќе инсистирате да биде најпрвин реализирано доколку ја добиете довербата од граѓаните?
Стојаноски: Мојата визија е Охрид да биде хармонично, сигурно и посакувано место за живот, работа и одмор. Охрид да биде град со иднина, град на младоста и надежта. Доколку ја добијам довербата на охриѓани првиот проект од мојата програма ќе биде „Сите за Охрид“ кој предвидува изработка на сеопфатна Стратегија за развој на градот, прифатена од страна на стручната јавност и граѓанитете. Оваа стратегија треба прецизно да го позиционира нашиот град на мапата на европски и светски културни центри и градови на езера. Основна цел е унапредување на квалитетот на животот на граѓаните и подобрување на економските услови преку континуирани стопански вложувања, афирмација на јавниот простор, користење на паметни технологии, употреба на обновливи извори на енергија и рационално искористување на просторот и ресурсите. Со оваа стратегија за развој ќе се дефинираат развојните цели и приоритети по одредени области, со дефинирање на одговорностите на клучните актери и воспоставување индикатори за следење на успешноста во спроведувањето на стратегијата.
ON: Каква локална самоуправа може да очекуваат граѓаните доколку Вие ја водите?
Стојаноски: Доколку бидам Градоначалник, граѓаните може да очекуваат локална самоуправа која преку посветено, одговорно и домаќинско работење ќе има за цел да ги подобри условите за живот на сите граѓани, да ги зголеми можностите за социјален и економски развој и да ги зачува природните, културните и духовните обележја на Охрид. Основана цел ќе ни биде да ја вратиме довербата во локалната администрација. Мораме да бидеме услужни, достапни, отворени и транспарентни во нашата работа. Да бидеме локална власт од збор и подеднакво посветена на сите граѓани.
ON: Масовен или елитен туризам, или?
Стојаноски: Јас би одговорил одржлив туризам. Имаме конкретен развоен план на ова поле кој има за цел да се создаде препознатливост и атрактивност на Охрид како брендирана туристичка дестинација. Планот за развој, базиран на стратегијата за развој на туризмот во Охрид, првенствено опфаќа мерки за унапредување на туристичкиот квалитет и содржината на туристичкиот производ, валоризација на ресурсите, развој на туристичката инфраструктура и создавање на нови туристички атракции. Планот предвидува неколку клучни стратешки промени кои ќе го обележат туристичкиот развој на Охрид. Станува збор за промена на туристичкиот карактер каде би се внесле здравствениот, спортскиот, „wellness“ и „incentive“ туризам, со цел градење на силен и препознатлив бренд кој има сила да го позиционира Охрид како препознатлива и посакувана дестинација на туристичкиот пазар, како и за современа маркетиншка концепција која вклучува проширување на структурата на целниот пазар.
ON: Екологијата и еколошките проблеми се’ уште како да се на маргините. Какви се вашите планови за колекторскиот систем и заштитата на Охридското Езеро?
Стојаноски: Во мојата програма има посебен проект за Санација и доизградба на колекторскиот систем. Генерална цел на проектот е довршување на канализационата и водоводната инфраструктура и соодветен третман на отпадните и атмосферските води на територијата на општина Охрид според светски стандарди. Со санација и ревитализација на постојниот колекторски систем и доизградба на нова мрежа и пречистителни станици би се подобрила неговата функционалност. Овој проект е од витално значење за еколошка заштита на Охридското Езеро, како и неговиот растителен и животински свет. За овој значаен проект имаме сигурен и отворен пријател во Владата на Република Македонија која веќе ги направи првите чекори за пронаоѓање на партнери кои би се зафатиле со овој проект. Во делот на екологијата како значајни би ги издвоил и проектите „Чисти реки-чисто езеро“,„Фабрика за отпад“, „Еко центар за заштита на животната средина“ и проектот „Спас за Студенчишкото Блато“.
ON: Како ќе се справите со долговите на општината, ги имавте ли во вид кога ја изготвувавте програмата, како планирате да ги реализирате проектите од вашата предизборна програма?
Стојаноски: Можни решенија за овој децениски проблем со кој се соочува општина Охрид, согласно теоријата и светската пракса е рефинансирање на долгот преку издавање на обврзници, што во моментов би било тешко бидејќи имаме негативен кредитен рејтинг на општината. Друго можно решение е рефинансирање на долгот преку консолидација на сите достасани долгови во еден и добивање на кредит од банка со рок на отплата усогласен со реалната финансиска способност на општината за редовно сервисирање. Усогласување на салдата на обврските со сите доверители поединечно, преговори со секого за делумен отпис на обврските или нов рок на отплата. Потпишување на договор за регулирање на плаќањата со сите доверители, проекција на буџетот за наредните 10 години со мерки за зголемување на приходите по сите основи. Покана до комерцијалните банки за преговори за одобрување на кредит и разговор со Министерството за финансии за добивање на согласност и опција за државна гаранција кон група на кредитори банки заради стратешки интереси на градот Охрид. По официјалното регулирање на долговите и деблокада на сметката, потребно е изготвување на кредитен рејтинг од надворешна ревизорска куќа и постапка за емисија на обврзници за делумно и целосно рефинансирање на комерцијалниот кредит со подобри услови или за инвестиции кои ќе донесат нови приливи во буџетот.
ON: Какви планови имате во областа на спортот и културата?
Стојаноски: Во делот на проектите кои се насочени кон развојот на спортот предвидена е изградба на четри спортски сали на подрачјето на општина Охрид во основните училишта: „Кочо Рацин“, „Братство-Единство“ – Лескајца, „Ванчо Николески“ во Лескоец и во Угостителското училиште „Ванчо Питошески“. Како многу важен проект посветен на спортот во мојата програма би го издвоил проектот за модернизација на Спортско рекреативниот центар „Билјанини Извори“. Со вложувањата во спортските објекти значително се подобруваат условите за развој на спортот во Охрид, функционирањето на постоечките спортски клубови и развој на спортскиот туризам. Новата спортска инфраструктура е клучна за остварување на сонот на секој охриѓанец, а тоа е да има: прволигашки екипи во фудбал, кошарка и ракомет, а исто така и да се зголеми бројот на домашни и странски спортски екипи кои ќе доаѓаат на подготовки тука и Охрид да биде домаќин на европски и светски првенства. Во делот на културата наша цел е да ги зачуваме културните обележја и традициите што датираат од пред неколку века. Охрид има преголемо културно богатство и затоа ќе треба да дадеме придонес во неговото промовирање. Планираме да ги поддржиме сите значајни културни манифестации, но и да креираме нови настани кои би ја збогатиле културната понуда преку целата година.
ON: Кој е Јован во приватниот живот, како го минува слободното време, кои му се омилени места во градот?
Стојаноски: Јован е едноставен човек кој сака чести средби и дружење со своите другари и пријатели од детството, од средношколските денови и од сите нови познаници. Би ги издвоил средбите за Бадник со 8 другари од генерацијата кои се вистинска светост за сите нас. Тоа ни го одржува другарството и во секое време сме подготвени за меѓусебна поддршка и заедничко решавање на нашите проблеми. Кошарката ми е омилен спорт и обожавам да гледам кошаркарски натпревари. Многу сум среќен што и Охрид има солиден тим во регионалната лига.
ON: Доаѓате од академска средина. Вие сте универзитетски професор. Зошто се одлучивте токму за оваа професија? Каков е вашиот однос со колегите и студентите?
Стојаноски: Сосема случајно во 1994 година дознав дека на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се објавил конкурс за асистент. За ова ме информираше мојот брат Стојмир, а голема благодарност и до Проф. д-р Софронија Миладиноски, кој ме прими за асистент, а подоцна станав и продекан во неговиот тим. Горд сум што и покрај сите премрежја, до ден денес останавме многу добри пријатели. Колегите од ФТУ со кои долги години одржувам пријателски односи ми даваат голем поттик и ми се огромна поддршката во оваа „борба“ на изборите. Во делот на комуникацијата со студентите би рекол дека нема подобра професија од професијата професор. Тоа е постојана работа со млади кои се извор на голема позитивна енергија.
ON: Велат дека функцијата го менува човекот?
Стојаноски: Не би рекол дека е така. Доколку еден човек има изградени принципи, доколку е реализиран како личност на сите животни полиња, било која нова функцијата нема да може да влијае негативно на неговите животни вредности.
ON: Порака до гласачите…
Стојаноски: Драги мои сограѓани, нашиот град дојде на важен крстопат, во Вашите раце е планот за живот во Охрид, во Вашите раце е нашата сегашност, нашата иднина, иднината на нашите деца. Имаме план за добар и достоинствен живот за сите нас. Овој план е остварив, но само ако сите заедно го реализираме. Нема изговори…ние можеме и мораме да успееме. На 15-ти октомври да се избориме за подобар живот во Охрид, за сите.
Т.К./Г.М.